Мукоко (Борусија Д.) го собори рекордот на Бабајаро (Андерлехт) поставен во 1994 година
Јусуфа Мукоко, фудбалерот на Борусија Дортмунд, кој на возраст од 16 години и 18 дена настапи на мечот против Зенит (2-1), стана најмладиот играч во историјата на Лигата на шампионите (ЛШ). Мукоко е во Борусија од 2016 година, а во јануари годинава беше префрлен во првиот тим. На 21 ноември, еден ден по 16-от роденден, тој настапи на мечот против Херта и стана најмладиот играч во германската Бундес-лига, пишува на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА).
Мукоко го собори рекордот на играчот на Андерлехт, Селестин Бабајаро, кој кога настапи на мечот против Стеауа (1-1), на 23 ноември 1994 година, во групната фаза натпревари, имаше 16 години и 87 дена.
Од другите млади фудбалери што настапиле во ЛШ, Рајан Шерки, офанзивниот играч за врска на Лион, со 16 години и 102 дена влезе во игра на мечот против Зенит (2-0), на 27 ноември 2019 година. Претходниот месец Шерки дебитира и во француската Лига 1.
Ален Халиловиќ со 16 години и 128 дена ги одигра последните пет минути од мечот во ЛШ на загрепски Динамо со ПСЖ (0-2) на 24 октомври 2012 година. Тој веќе беше најмладиот стрелец во историјата на Првата лига на Хрватска. Халиловиќ, сега на 24-годишна возраст, неодамна му се приклучи на англискиот второлигаш Бирмингем.
Јури Тилеманс со 16 години и 148 дена дебитира во ЛШ на мечот Андерлехт – Олимпијакос (0-3), на 2 октомври 2013 година. Тилеманс беше капитен на Андерлехт пред да наполни 20 години, по што во 2017 година се пресели во Монако, а следната година со Белгија се пласира во полуфиналето на Светското првенство. Тој сега игра за англискиот премиерлигаш Лестер.