По промената на системот за пласман на ЕП, не ни останува ништо друго освен да одиме на победа на секој меч и да собираме што е можно повеќе бодови, вели селекторот Благоја Милевски, пред денешниот меч во Скопје со Шпанија
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2021 ЗА ФУДБАЛЕРИ ДО 21 ГОДИНА
Македонската репрезентација за фудбалери до 21 година денеска (18.45 часот) во Скопје ќе ја пречека селекцијата на Шпанија, актуелниот европски првак, најтрофејната селекција во оваа категорија и главен фаворит во групата 6, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година во Словенија и во Унгарија.
– По промената на системот за пласман на ЕП и она кој и како ќе се квалификува, не ни останува ништо друго освен да одиме на победа на секој меч и да собираме што е можно повеќе бодови. Момците покажаа дека имаат квалитет и да се спротивстават на најдобрата репрезентација во Европа. Тоа ми дава за право да бидам оптимист. Секако дека има и што да поправиме, па на овој натпревар да бидеме во текот на целите 90 минути онака како што планираме – вели селекторот Благоја Милевски за интернет-страницата на Фудбалската федерација на Македонија.
Пред овој меч Шпанија води со 13 бода од пет меча, а потоа следуваат Израел со осум (од четири средби), Казахстан со седум (од пет меча), Македонија со седум (од четири средби), Црна Гора со четири (од шест дуела) и Фарски Острови без бодови (од четири натпревари).
На ЕП 2021 ќе се пласираат победниците на деветте квалификациски групи и најдобрите пет меѓу второпласираните, а директен пласман обезбедија домаќините Словенија и Унгарија. Шпанија и Италија досега се најуспешни во оваа категорија, со по пет титули на европските првенства за фудбалери до 21 година, но Шпанија има и три втори и две трети места, а Италија две сребра.