ФК Борец

Во Банско условите за тренирање беа извонредни, на располагање имавме четири фудбалски терени и сѐ се одвиваше според предвидениот план, вели Горазд Михајлов, тренерот на Борец, повратникот во Првата лига

Велешкиот фудбалски клуб Борец предводен од стратегот Горазд Михајлов, по речиси две децении отсуство, на 20 мај годинава победи во Втората лига исток и повторно се избори за настап во Првата фудбалска лига на Македонија (Борец последен пат претходно играше во Првата лига во сезоната 2000/2001 н.з.).

Со оглед на силната конкуренција и она што ги очекува во претстојната сезона, а што поподготвени да го дочекаат почетокот на првенството, фудбалерите одамна ги почнаa подготовките, па по почетните две недели минати во Велес, клубот беше и на подготовки во Банско (Бугарија).

– На подготовките во Банско престојувавме од 17 до 24 јули. Условите за тренирање таму беа се извонредни, на располагање имавме четири фудбалски терени, а хотелот каде што престојуваме беше одличен. Тренинзите ги одработуваме двапати дневно, претпладне и попладне, а користевме и фитнес-сала, така што сѐ се одвиваше според предвидениот план. Верувам дека ќе го оправдаме прволигашкиот статус со нашата игра во претстојното првенство, кое почнува викендов. За мене е најзначајно по влегувањето на Борец во прволигашкото друштво да го задржиме тој статус, да бидеме стабилен прволигаш – вели тренерот Михајлов.

Тимот е составен претежно од млади фудбалери, но желни за докажување.
– На подготовките во Банско беа 23 фудбалери и сите го дадоа својот максимум. Тоа се претежно млади играчи, од кои има и репрезентативци на Македонија во селекцијата до 21 година. Меѓу нив се и засилувањата на тимот, Стефан Лазаревиќ, Стефан Богдановски, Мартин Блажевски, Мустафа Бурхан, Филип Трајановски, Емил Абаз, Никола Прелчец од Истра, Ѓорѓе Ивљанин од Јагодина – појаснува Михајлов.

Покрај редовните тренинзи за стекнување на неопходната физичка кондиција, Борец во Банско одигра и неколку контролни дуели на кои се уигруваше тимот. Така, Борец во првиот натпревар ремизира со бугарскиот претставник 7 Септември (1-1), во вториот загуби од украинскиот претставник Александрија (0-1), одигра без голови со бугарски Вихрен, а го победи ерменски Ганџасахар (1-0). Во рамките на целокупниот подготвителен период, пак, Борец го победи Работнички (5-0), второлигашот Кит (3-1) и ремизира во Штип со Брегалница (2-2).

Првото коло од новото фудбалско првенство на Македонија во Првата лига, почнува викендов. Денеска ќе се одиграат четири средби, додека утре силите ќе ги одмерат Вардар и Македонија ЃП. Нови прволигаши се екипите на Борец и Струга Трим Лум, а титулата ја брани екипата на Шкендија.


ТВ-преноси

Натпреварите од Првата македонска фудбалска лига првпат во историјата на македонскиот фудбал ќе се емитуваат на регионален спортски канал.
Предвидено е да има директни преноси од секое коло, а и од натпревари од Купот на Македонија, на регионалната ТВ-станица Арена. Во проектот за телевизиските права ќе биде вклучена и Македонската телевизија (МТВ), со коментар на македонски јазик.
Во 1-то коло, в недела (17.30 ч.), ќе биде пренесуван дуелот Вардар – Македонија Ѓорче Петров.