Репрезентацијата вчера го имаше првиот собир пред мечевите со Лихтенштајн в сабота во Скопје и со Ерменија на гости идната недела во Лигата на нации, а неизвесен за првиот дуел е повредениот Тричковски
Нови неволји за селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски, пред двата натпревара во Лигата на нациите (ЛН) против Лихтенштајн на 13 октомври на арената „Филип Втори“во Скопје и против Ерменија на гости во Ереван на 16 октомври.
Под знак прашалник е настапот на напаѓачот Иван Тричковски, кој се повредил (истегнување на мускулот) на мечот меѓу неговиот АЕК Ларнака и Ермис во првенството на Кипар. Тој беше заменет во 60-та минута и, по деталните лекарски прегледи, ќе се знае дали селекторот ќе може да смета на него. Најдоцна до утре ќе биде познато дали Тричковски ќе биде подготвен, односно кој би бил повикан наместо него. Тричковски беше стартер на првите два меча, имаше по еден гол и асистенција во победата над Гибралтар.
Претходно од составот поради повреда испадна и дефанзивецот на Риека, Дарко Велковски, и на негово место е повикан Ѓоко Зајков, центархалфот на белгиски Шарлроа.
За синоќа, во 19 часот, беше закажан првиот тренинг на репрезентативците на еден од терените на спортскиот центар „Петар Милошевски“. Според информациите од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), сите играчи пристигнале навреме на првата прозивка пред саботниот натпревар со Лихтенштајн (20.45 часот).
Македонија забележа победи на двата натпревара во лигата Д, група 4, минатиот месец, над Гибралтар на гости и над Ерменија на домашен терен, со по 2-0. Со две нови победи, Македонија практично ќе го обезбеди првото место во групата, што ќе значи и пласман во повисок ранг, во лигата Ц за следниот натпреварувачки циклус, како и пласман во плејофот (во март 2020-та) со најдобрите репрезентации од групите 1, 2 и 3, за едното место од лигата Д што води на Европското првенство (ЕП) во 2020 година.