Фото: Маја Јаневска-Илиева

На воведните натпревари во минатите шест квалификациски кампањи за СП, Македонија забележа по три победи и порази, дома и на гости. Во квалификациите за СП 2022, Македонија ќе игра во групата Ј, во која се и репрезентациите на Романија, Германија, Исланд, Ерменија и на Лихтенштајн

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 ВО КАТАР

Со вечерашниот меч против Романија, на гости во Букурешт (арена „Национал“, од 20.45 часот), Македонија го почнува седмиот квалификациски циклус натпревари за пласман на светско првенство (СП), овој пат во 2022 година во Катар. Македонија ќе игра во групата Ј, во која се и репрезентациите на Германија, Исланд, Ерменија и на Лихтенштајн. На досегашните шест учества во квалификациите за СП, од првото за СП 1998, Македонија беше далеку од место што водеше во завршницата. Најдобрите пласмани, на четвртата позиција, беа забележани во првите две квалификациски кампањи, за СП 1998 и за СП 2002.
На воведните натпревари во минатите квалификации, Македонија забележа солидни резултати, по три победи и порази. Победите беа прокнижени на домашен терен, против Лихтенштајн 3-0 (за СП 1998), Ерменија, 3-0 (СП 2006) и против Шкотска 1-0 (СП 2010). Трите порази беа на гостувањата, од Словачка 0-2 (СП 2002), Хрватска 0-1 (СП 2014) и од Албанија 1-2 (СП 2018).
Романија (37. на ранг листата на Светската фудбалска федерација, ФИФА), која се смета за најголем ривал на Германија во групата Ј, не може да се пофали со добри постигнувања во последно време и има цел по пропуштените пет СП по ред да се квалификуваат на првото по Мундијалот во 1998 година во Франција.

Романците не се пласираа на ЕП 2020 преку натпреварите во групата, а не ја искористија и шансата преку плејофот во Лигата на нациите (ЛН), во кој беа елиминирани од Исланд во полуфиналето. Но избраниците на селекторот Мирел Радои, предводени од Јанис Хаџи од Ренџерс, Валентин Михаила и Денис Ман од Парма, Разван Марин од Калјари, посакуваат и најавуваат многу поуспешна кампања.
Но и репрезентацијата на Македонија (65-та на листата на ФИФА) не е за потценување поради одличната форма на меѓународна сцена, на која немаше пораз на осум натпревари по ред пред да загуби од Ерменија во последниот меч од Лигата на нациите (ЛН) на Кипар во минатата година. „Рисовите“ се пласираа во завршницата на ЕП летово преку ЛН, што сигурно ќе биде од помош во квалификациите за СП.

Селекторот на Македонија, Игор Ангеловски, успеа да создаде хомоген тим, предводен од капитенот Горан Пандев од Џенова, во кој се и Елиф Елмас и Илиjа Несторовски, кои играат во Италија, во Наполи, односно во Удинезе, Езгјан Алиоски од англискиот премиерлигаш Лидс, Аријан Адеми и Стефан Ристовски од загрепски Динамо, кој го елиминира Тотенхем во Лига Европа, Енис Барди од Леванте, Александар Трајковски од Мајорка, од Шпанија итн.
На СП 2022 од квалификациите од Европа ќе се пласираат десетте победници на групите, како и уште три репрезентации од баражот, во кој ќе учествуваат сите второпласирани репрезентации од групите и уште две селекции победнички во групите од Лигата на нациите, кои не се пласирале директно или не го освоиле второто место во групата од квалификациите.


ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА

Група Б: Шпанија – Грција, Шведска – Грузија
Група Ц: Бугарија – Швајцарија, Италија – Северна Ирска
Група Ф: Израел – Данска, Молдавија – Ф. Острови, Шкотска – Австрија
Група И: Андора – Албанија, Англија – Сан Марино, Унгарија – Полска
Група Ј: Романија – Македонија, Германија – Исланд, Лихтенштајн – Ерменија