Со освоените четири бода на гости против Летонија (2-0) и претходно против Израел (1-1), Македонија е во комбинација за освојување на едно од првите две места во групата што водат на завршниот турнир

Македонија повторно е во комбинација за освојување на едно од првите две места во групата Г што водат на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) во фудбал во 2020 година. Освоени се четири бода на двете септемвриски гостувања, против Летонија (2-0) и против Израел (1-1) со што се остварија најавите и желбите на селекторот Игор Ангеловски.

Црвено-жолтите одиграа добар натпревар против Летонија, имаа контрола врз играта и врз резултатот, и, што е најважно, постигна два гола во првите дваесетина минути (Пандев 14. и Барди 17. минута). Потоа тоа водство Македонија умешно го чуваше. По шесте кола Македонија има осум бода, три помалку од второпласираната Словенија, која гостува во Скопје следниот месец. Во комбинација за прво или второ место, покрај водечката Полска со 13, се Австрија, која има 10, и Израел со осум бода.
Целта е остварена, Македонија на некој начин ги анулира двете нули од мечевите против Полска (0-1) и Австрија (1-4) на домашен терен минатиот месец. Добрата работа се содржи во фактот што Македонија продолжи со добрите игри на гости и што е уште побитно забележа позитивни резултати. На трите гостувања во тековните квалификации Македонија двапати ремизира, со Словенија и со Израел (по 1-1) и ја совлада Летонија (2-0). Почнувајќи од март 2017-та, па досега Македонија на 11-те гостувања забележа по пет победи и ремија, а загуби само еднаш, со вкупна гол-разлика 14-8.

Како ретко кога во минатите квалификациски кампањи, за европските или за светските првенства (СП), Македонија во моментов, по 60 отсто од одиграните мечеви, е во ситуација реално да прави планови и да се надева на пласман на завршниот турнир на ЕП 2020. Македонската репрезентација вкупно третпат, а првпат во квалификации за ЕП, се наоѓа во ситуација на четири кола пред крајот на еден циклус квалификации сама да решава и да има шанси за пласман на големо натпреварување.
Во минатите квалификации, за ЕП 2016-та, Македонија беше очајна, забележа само една победа, едно реми, претрпе осум порази и беше последна, шеста во групата со Шпанија, Словачка, Украина, Белорусија и со Луксембург. Во квалификациите за СП 2018, Македонија ги загуби првите четири меча, подоцна имаше одлична серија, но на крајот беше претпоследна, пред Лихтенштајн.

Оттогаш се направени квалитативен и резултатски прогрес. Македонија играше добро во новоформираната Лига на нациите (ЛН) лани, го освои првото место во групата и од најдолната лига Д се искачи еден ранг погоре, во лигата Ц, а обезбеди место и во плејофот, во март 2020 година, од каде што победникот ќе игра на ЕП 2020. Успешната кампања продолжи и во квалификациите за ЕП 2020, но не треба да се лета во облаци и да се прават некакви големи планови со оглед дека најтешките искушенија допрва претстојат.

Треба да се истакне и тоа дека Македонија е единствената во групата што ги одигра двата меча со аутсајдерот Летонија, која е една од ретките без освоен бод во овие квалификации. Од друга страна, Македонија им гостува на Полска и на Австрија, првите фаворити за пласман на ЕП, а ги пречекува Словенија и Израел, кои знаат да бидат незгодни ривали. 


МЕЧЕВИ НА ГОСТИ

ДАТУМ ДУЕЛ РЕЗ. ТИП

24.3.2017 Лихтенштајн – Македонија 0-3 СП
2.9.2017 Израел – Македонија 0-1 СП
6.10.2017 Италија – Македонија 1-1 СП
23.3.2018 Финска – Македонија 0-0 П
27.3.2018 Азербејџан – Македонија 1-1 П
6.9.2018 Гибралтар – Македонија 0-2 ЛН
16.10.2018 Ерменија – Македонија 4-0 ЛН
16.11.2018 Лихтенштајн – Македонија 0-2 ЛН
24.3.2019 Словенија – Македонија 1-1 ЕП
5.9.2019 Израел – Македонија 1-1 ЕП
9.9.2019 Летонија – Македонија 0-2 ЕП

СП – квалификации за СП, ЕП – квалификации за ЕП, ЛН – Лига на нации, П – пријателски меч (двата се на неутрален терен)


ГРУПА Г
Летонија – Македонија 0-2
Полска – Австрија 0-0
Словенија – Израел 3-2

ТАБЕЛА
Полска 6 4 1 1 8-2 13
Словенија 6 3 2 1 12-5 11
Австрија 6 3 1 2 13-6 10
Македонија 6 2 2 2 8-8 8
Израел 6 2 2 2 11-11 8
Летонија 6 0 0 6 1-21 0

Идно коло (10 октомври): Македонија – Словенија, Летонија – Полска, Австрија – Израел.