Германскиот фудбалски четвртолигаш Локомотив Лајпциг постигна импресивен успех, продавајќи 182.612 влезници за мечот против „невидливиот противник“. Љубители на фудбалот од целиот свет „ја гледаа“ средбата помеѓу Лајпциг и „невидливиот противник“, а на крајот, Локомотив победил со 5-0, пишува германскиот дневен весник „Кикер“ на својата интернет-страница.

– Донации пристигнаа од голем број држави, а влезниците беа достапни во официјалната продавница за навивачите и чинеа едно евро – објавија од клубот од Германија.
Клубот на овој начин сакаше да ги ублажи последиците од намалените приходи поради кризата со пандемијата на коронавирусот.

– Во саботата беше надминат и официјалниот европски рекорд од 1937 година – се пошегуваа од клубот, објави „Кикер“. Во тоа време, 149.547 гледачи го гледаа „вистинскиот“ дуел помеѓу Шкотска и Англија на „Хемпден парк“ во Глазгов.