На една година до почетокот на ЛОИ 2020, побарувачката за билети само во Јапонија е 10 пати поголема од понудата. Процената е дека Токио ќе потроши околу 20 милијарди долари за Игрите, од кои 70 отсто се од даночните обврзници. Организаторите ги урнаа рекордите според приходите од локалните спонзори, со трипати поголема сума од кои било други ЛОИ
До почетокот на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио останува точно една година (треба да почнат на 24 јули и да траат до 9 август), а организаторите за денеска најавија претставување на златните, сребрените и на бронзените олимписки медали, како дел од целодневните церемонии во главниот град на Јапонија, пишува АП. Игрите во Токио во 1964 година донесоа куршуми-возови и футуристички дизајни, нагласувајќи го закрепнувањето на Јапонија по Втората светска војна. Тие Игри беа први видени низ целиот свет со помош на сателити, воведувајќи го олимпизмот во нова ера.
Овој пат главниот град на Јапонија има помалку причини за докажување. Токио има изобилство инфраструктура, повеќето спортски борилишта се завршени, а Јапонија е во знакот на знаењето и искуството. Токио гради осум стадиони. Другите 35 спортски објекти се дефинирани како привремени или се постари објекти, кои се поправаат и за кои организаторите велат дека им спасиле милијарди. Но дури и постојните објекти треба да се реновираат.
Централни точки се новиот Национален олимписки стадион вреден 1,25 милијарда долари, кој ќе се отвори кон крајот на годината и Олимпиското село за повеќе од 10.000 спортисти во заливот на Токио. Точната сума на трошоците, кои се и не се олимписки, тешко е да се утврди. Но процената е дека Токио ќе потроши околу 20 милијарди долари за Игрите 2020, од кои 70 отсто се на товар на даночните обврзници. Постојат и некои работи што допрва треба да се решаваат: следното лето се очекуваат високи температури и голема жештина (иако ова лето е влажно и благо), застои во сообраќајот и во подземната железница, трошоците растат, а побарувачката за билети само во Јапонија е најмалку 10 пати поголема од понудата.
Организаторите ги урнаа рекордите според приходите од локалните спонзори, кои надминаа три милијарди долари, што е трипати повеќе од кои било претходни Игри. Главниот двигател е водечката јапонска компанија за рекламирање и маркетинг, „Денцу Инк“, ексклузивната маркетинг-агенција за ЛОИ во Токио.
– Фактот дека главна тема во многу разговори е неможноста да се добијат билети е своевиден симбол, презентација на ентузијазмот и на очекувањата што многу луѓе ги имаат за Игрите – вели гувернерот на Токио, Јурико Коике.
Притиснат за да го оправда трошењето милијарди долари за Игрите, Коике, ЛОИ и ПОИ ги опиша како можност за „забрзување“ при завршувањето повеќе работи, дури и кога доказите покажувале дека поради почитувањето на роковите трошоците драстично се зголемиле. Спортскиот економист Роберт Бад, кој предава на колеџот „Лејк форест“ во околината на Чикаго и ги истражува олимписките игри, вели дека Игрите се за маркетинг и за брендирање. „Најважниот дел од комерцијална гледна точка се церемониите на отворање и на затворање. Спортот е второстепен“.
Роботи ќе помагаат на теренот и на гледачите
Јапонија верува дека ЛОИ 2020 се шанса за враќање на високите позиции на светската технолошка мапа. Автомобилскиот гигант „Тојота“, главниот спонзор на Игрите, претстави пет роботи со најразлични перформанси меѓу кои најпривлечни се верзиите на маскотите на ЛОИ и на ПОИ со детска големина, футуристичките Мираитова и Сомеити. Сини или розови, со огромни очи и уши, роботите-маскоти имаат зглобови и раце, кои може да се управуваат од далечина.
– Тие не можат сами да се движат или да зборуваат, но камерата во нивните глави им помага да комуницираат со гледачите и со спортистите. Благодарение на камерата, роботите можат да ги препознаат изразите на луѓето и да им одговорат. Ако некој се оддалечи, тие ќе изгледаат тажно – вели Томохиса Моирадаира, задолжен за развојот на роботите во Тојота.
„Чувствата“ на маскотата ќе се рефлектираат во очите, тие ќе можат да прикажуваат срца или ѕвезди, во зависност од емоциите.
Помалку симпатичен, но попрактичен, е роботот за „поддршка на теренот“, со големина на куфер, но на тркала, со максимална брзина до 20 км/час, кој ќе му помага на олимпискиот персонал. Тој е способен да ги следи вработените на теренот, да ги избегнува пречките и кога ќе биде натоварен со копје, диск или со ѓуле (најмногу до осум кг) со притискање на копче ќе може да се врати назад. Со негова помош ќе се намали времето за враќање на предметите, а ќе се намали и бројот на персоналот, велат од „Тојота“.
Другите понуди вклучуваат роботи дизајнирани да им помагаат луѓето во инвалидски колички или да им носат храна на гледачите.