Реал Мадрид ја освои титулата во првата сезона, а досега вкупно 13 пати

Купот на европските шампиони беше идеја на Габриел Ано, уредник на францускиот „Л’екип“. Неговиот повик, во декември 1954 година, за европско клупско првенство се совпадна со ентузијазмот на новооснованата Европска фудбалска унија (УЕФА) и мечевите почнаа веќе во септември 1955 година. Утре почнува вкупно 66-та сезона, 29-та откако натпреварувањето се вика Лига на шампионите

ФУДБАЛ – ПОЧНУВА НОВАТА СЕЗОНА НА НАЈСИЛНОТО ЕВРОПСКО КЛУПСКО НАТПРЕВАРУВАЊЕ

Најсилното европско фудбалско клупско натпреварување се игра веќе 65 години, а од утре ќе го има своето 66-то издание, 29-то откако се ребрендира и се вика Лига на шампионите (ЛШ). Натпреварувањето почна во септември 1955 година, со име Куп на европските шампиони (КЕШ), по иницијатива на францускиот дневен спортски весник „Л`екип“, со учество на 16 тима, по покана од весникот.
Купот на европските шампиони беше идеја на Габриел Ано, уредник на „Л’екип“. Неговиот повик, во декември 1954 година, за европско клупско првенство се совпадна со ентузијазмот на новооснованата Европска фудбалска унија (УЕФА) и натпреварите почнаа веќе во септември 1955 година. Меѓу 16-те учесници имаше седум тогашни национални шампиони: Андерлехт, Архус, Ѓургарден, Милан, Реал Мадрид, Ремс и Рот-вајс Есен. Немаше ниту еден англиски претставник.
Но за шпанскиот првак Реал Мадрид немаше потреба од убедување. Тој клуб веќе имаше меѓународен успех, а со трофеј ја круниса и првата сезона на штотуку формираното континентално натпреварување, со победите над Сервет (вкупен резултат 7-0), Партизан (4-3), Милан (5-4) и над Ремс во финалето (4-3, по водството на Ремс со 2-0 и со 3-2) на „Паркот на принцовите“ во Париз. Тоа беше исклучително ефикасна сезона, со 4,38 гола по меч.

До сезоната 1990/1991 се играше исклучително со нокаут-фаза, а од сезоната потоа беше воведено и играње по групи. За сезоната 1992/1993 натпреварувањето се преименува во Лига на шампионите, а од 1997 година беше дозволено учество и на екипи што во претходната сезона не биле прваци на своите земји. Денес групната фаза се состои од 32 екипи, од кои 26 се пласираат според пласманот во домашните првенства, а шест учествуваат по настапот во квалификациите.
Поради пандемијата на коронавирусот, квалификациите за новата сезона се играа без публика, но УЕФА од 1. коло на групната фаза дозволи на мечевите да има исполнетост на стадионите до 30 отсто од капацитетот, ако локалните власти го дозволуваат тоа.

 


Од следната сезона одново три европски клупски купа

Новата сезона на второто по ранг клупско фудбалско натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА), Лига Европа, почнува в четврток, а тоа ќе биде 50-та сезона на натпреварувањето што почна да се игра во 1971 година, тогаш со име Куп на УЕФА. До 1999 година (од 1960 година) се играше и Купот на победниците на куповите, натпреварување што пред 21 година се спои со Купот на УЕФА. Европската куќа на фудбалот од идната сезона одново ќе има три клупски натпреварувања, бидејќи треба да почне да се игра Конференциската лига.


Шпанија има најмногу титули, Англија најмногу прваци

Шпанските клубови имаат најголем број титули за европскиот фудбалски првак, 18 (Реал Мадрид 13, а Барселона пет). На оваа табела следуваат Англија со 13 и Италија со 12 трофеи.
Англија, пак, има најголем број победнички екипи, вкупно пет, и тоа Ливерпул, Манчестер јунајтед, Нотингем форест, Челси и Астон вила. Досега европската титула ја освоиле 22 клуба (во финале играле уште 19 клуба), од кои 12 ја имаат освоено повеќе од еднаш. Реал Мадрид е најуспешниот, со 13 трофеи. Баерн е актуелен шампион.