Мислам дека треба да имаме поинаков пристап, можеби не подобар, но малку различен производ од меч зад затворени врати. Тоа е една од работите за кои разговараме со клубовите и со ТВ-операторите, вели извршниот директор на Премиер-лигата, Ричард Мастерс

ФУДБАЛ

Англиската фудбалска Премиер-лига ги разгледува можностите за употреба на аудиоефекти и на компјутерски гледачи, за да го направи позабавно гледањето натпревари на ТВ, објави „Ројтерс“.
Извршниот директор на Лигата, Ричард Мастерс, вели дека се бараат начини како да се подобри телевизиското искуство ако сезоната продолжи во јуни, како што е предвидено.

– Мислам дека треба да имаме поинаков пристап, можеби не подобар, но малку различен производ од натпревар без публика зад затворени врати. Тоа е една од работите за кои разговараме со клубовите и со ТВ-операторите – изјави Мастерс.
Во германската Бундес-лига беше забележливо отсуството на навивачи, а извикувањата на играчите беа единствените звуци што можеа да се слушнат, покрај гласот на коментаторот. Извори на „Ројтерс“ велат дека има многу различни опции во моментов, вклучувајќи бучава, како и компјутерски создадена публика, како замена за празните места на стадионите.

Уште не е донесена одлука дали ќе се користи таква технологија. Голем број компании нудат технологија што може да додаде навивачка бучава што би можела да го поправи ТВ-впечатокот.

– Идејата е да се заштити интегритетот и возбудливоста на играта со тоа што ќе се одвлече вниманието од празниот стадион и ќе се замени со попријатно опкружување. Натпреварот би бил поинтересен и колку што е можно пореален. Ова се времиња за истражување и за експериментирање за да се направи спортот уште попривлечен и да се приближи до најновите случувања во е-спортот – вели Гудјон Гудјонсон, извршен директор на една таква компанија, „ОЗ спортс“.