Честитки до играчите за сѐ што покажаа, не само на овој меч туку и на минатите натпревари во квалификациите. Благодарност и до сите што беа во репрезентацијата пред мене, на поранешниот селектор Игор Ангеловски и на сите играчи што сега не се дел од репрезентацијата, изјави селекторот на Македонија, Благоја Милевски
ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП – Македонија во плејофот
Македонија на најдобар можен начин, со победа над Исланд (3-1) и со освоеното второ место, кое води во плејофот напролет, го заврши квалификацискиот циклус во групата Ј, за пласман на финалниот турнир на Светското првенство (СП) 2022 во Катар.
Заслуги за победата и за второто место, највисок пласман на Македонија во еден квалификациски циклус за СП или Европското првенство (ЕП), имаат сите фудбалери, на чело со селекторот Милевски. Но во оваа пригода треба да се спомене и поранешниот капитен, легендата на македонскиот фудбал Горан Пандев, кој настапи на првите три меча во квалификациите, меѓу кои ќе се памети победата на гости над Германија (2-1) во Дуисбург. Во селекторската функција во март, на трите меча беше Игор Ангеловски, чиј ефект на тие мечеви беа победата над Германија и над Лихтенштајн (5-0) и поразот од Романија на гости (2-3). Во август селектор стана Милевски, кој на следните седум натпревари забележа три победи, над Лихтенштајн (4-0), Ерменија (5-0) и Исланд (3-1), и три ремија, со Романија (0-0), Ерменија (0-0) и Исланд (2-2), и еден пораз, од Германија (0-4).
– Благодарност до сите што беа во репрезентацијата пред мене, на поранешниот селектор Игор Ангеловски и на сите играчи што ги почнаа квалификациите, а сега не се дел од репрезентацијата. Честитки до играчите за сѐ што покажаа, не само на овој меч туку и на минатите мечеви во квалификациите. Исланд е силна репрезентација, со квалитетни играчи, моравме да бидеме максимално сконцентрирани докрај. Раниот гол малку ни ја олесни работата, но не се сомневав дека ќе победиме и кога израмнија, бевме психолошки подготвени и за такво нешто, работевме на тоа да не паѓаме во такви ситуации, имавме разработено повеќе сценарија – изјави селекторот Милевски.
Дали второто место во групата и пласманот во баражот на Македонија се очекувани и што следува натаму?
– Го очекував ова, секако, во спротивно не би се занимавал со оваа работа. Дали сме стигнати до нивото што го посакувам? Не. Нѐ чека уште многу работа. Но овие момци имаат потенцијал да напредуваат уште многу. Акцентот е да се формира тимски дух, сите играчи да бидат во функција на тимот. Посакувам да имаме не еден, туку повеќе лидери во тимот, сите што се на теренот да се чувствуваат така. Тоа е една од моите цели и мислам дека сме на добар пат да ја оствариме – вели Милевски.
Капитенот Стефан Ристовски беше презадоволен поради успешно завршената квалификациска кампања, но призна дека постоел притисок пред решавачкиот меч.
– Убаво се чувствувам по сѐ. Имаше притисок, факт е дека Македонија не е навикната да игра вакви решавачки мечеви, за баражи, за пласман на големо натпреварување. Мислам дека Македонија заслужено е во баражот, му покажавме на фудбалскиот свет дека сме квалитетни. Македонија има одлични играчи, кои настапуваат во силни клубови, играат во квалитетни лиги, тоа ја прави разликата на вакви натпревари. Среќен сум што го израдувавме и го споивме народот во Македонија, во соблекувалната сите сме исти, постои само еден дрес. Капитенската лента што ја имав беше онаа на Горан Пандев од мечот со Холандија на ЕП, сега јас ја носев, чувствував дека ќе ни донесе среќа и се случи тоа – изјави Ристовски.
Езѓан Алиоски повторно му даде гол на Исланд, како и на првиот меч во Рејкјавик.
Одиме чекор по чекор, во македонската репрезентација имаше доста позитивни промени последниве години, се надевам дека така ќе продолжиме – истакна Алиоски.