Данскиот фудбалер Кристијан Ериксен вчера го занеме фудбалскиот свет откако едноставно падна на теренот за време на натпреварот на неговата селекција против Финска во рамки на ЕП. Причина за тоа е застој на срцето на 29-годишниот фудбалер на Интер.
Еден од најпознати спортски кардиолози во Англија, Санџај Шарма рече дека голем знак прашалник е дали данскиот фудбалер воопшто ќе продолжи со фудбалот. Шарма работел со Ериксен додека Данецот играше за лондонски Тотенхем.
– Ова момче имаше нормални тестови до 2019 година. Сето тоа ја потресе целата нација. Добра вест е што и понатаму е жив, лошата вест е дека оди кон крај на кариера. Дали ќе игра уште фудбал професионално? Не можам да кажам. Во Англија не би можел да игра. Многу сме строги околу тоа – рече Шарма.
Докторот смета дека најверојатно станува збор за недефинирана здравствена состојба или, пак, за висока температура.
– Фактот дека е стабилен и буден е одличен. Не знам дали некогаш ќе заигра фудбал. Иако ова е премногу отворено – тој умре на теренот. Иако само на неколку минути, тој умре, па дали лекарите ќе му дозволат да умре повторно? Одговорот е не – вели д-р Шарма.