Тој е последниот во низата познати поранешни фудбалери на кои им е дијагностицирана деменција, за која се верува дека има врска со удирањето топка со глава
Поранешниот играч за врска на Ливерпул и на Англија, Тери Мекдермот (69), кој освои три титули европски шампион со „црвените“, е последниот во низата познати поранешни фудбалери на кои им е дијагностицирана деменција. Мекдермот, кој постигна 81 гол на 329 натпревари за „црвените“, помеѓу 1974 и 1982 година изјави дека болеста е во рана фаза, откако бил подложен на болнички тестови.
– Морам да продолжам со тоа и ќе го направам тоа. Тоа е начинот на кој сум воспитуван. Ништо не ми дошло лесно во животот. Не се плашам да го прифатам ова, а исто така, како што знаеме, има многу поранешни играчи во полоша состојба од мене. Борбата е втората природа. Најлошото беше додека не се дијагностицираше состојбата, тоа што не знаев што се случува. Бројот на поранешните играчи на кои им е дијагностицирана деменција или Алцхајмерова болест е застрашувачки – изјави Мекдермот за интернет-страницата на Ливерпул.
Информацијата за болеста на Мекдермот доаѓа неколку дена откако легендата на Шкотска и на Манчестер јунајтед, Денис Лоу, откри дека му била дијагностицирана деменција. На неговиот поранешен тимски колега од Јунајтед, Боби Чарлтон, минатата година му беше дијагностициран оваа состојба, со што тој стана петтиот член на англиската репрезентација што триумфира на Светското првенство (СП) 1966 година и што страда од деменција.
Една студија во 2019 година покажа дека кај професионалните фудбалери постои три и пол пати поголема веројатност да умрат од деменција отколку луѓето на иста возраст во општата популација. Братот на Боби, Џек Чарлтон, и Ноби Стајлс починаа минатата година од последиците на болести на мозокот, за кои се верува дека се тесно поврзани со удирањето топка со глава. Мартин Питерс и Реј Вилсон, кои починаа во 2019 и во 2018 година, исто така ги имаа тие проблеми.
Мекдермот, кој има одиграно и 25 натпревари за Англија, се смета за еден од најдобрите играчи од средниот ред на Ливерпул, со освоени четири титули во лигата, три европски купа, Куп на УЕФА и два Лига-купа. Тој дојде во Ливерпул од Њукасл, пред повторно да се врати назад во тој клуб по осум години. Подоцна во два наврата беше помошник-менаџер на Њукасл, од 1992 до 1998 и од 2005 до 2008 година, а истата улога подоцна ја имаше во Хадерсфилд и во Бирмингам.