ФУДБАЛ – ПО ПРВИОТ ДЕЛ ОД ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

Холандија третпат завршува групна фаза на ЕП со три триумфа, Италија вторпат, овој пат без примен гол, а првпат Белгија без загубен бод влегува во вториот дел на едно ЕП. На шампионатот во Франција во 2016 година ниту една селекција не успеа да ја заокружи групната фаза со девет бода

Второто европско првенство (ЕП) во фудбал, на кое учествуваат 24 репрезентации, по мечевите во групната фаза засега носи поголема ефикасност од минатото ЕП (постигнати се 76 гола по групната фаза без синоќешните четири меча од групите Е и Ф, наспроти 69 погодока во 2016-та) и, за разлика од шампионатот во Франција во 2016 година кога ниту една селекција не успеа да ја заокружи групната фаза со три победи, сега има три репрезентации со максимален ефект. По девет бода освоија репрезентациите на Италија, Белгија и на Холандија.

Од нив Италија е без примен гол (на ЕП 2020 само уште Англија, а Шведска, која играше синоќа, по две кола немаше примен погодок) и има гол разлика 7-0 (Белгија има 7-1). Од тие три селекции, Холандија, пак, која третпат на едно европско првенство бележи три победи во групната фаза (претходно во 2000 и во 2008 година), е најефикасна меѓу нив (гол-разлика 8-2), а и на ова првенство, без мечевите од третото коло синоќа во групите Е и Ф.

Откако натпреварите во групните фази на континенталните првенства се играат за три бода за победа, ЕП 1996 беше единствениот друг турнир на кој немаше репрезентации со девет освоени бода во групната фаза. Во 2012 година тоа беше Германија (играше во полуфиналето), во 2008 г. Хрватска (четврт-финале), Холандија (четврт-финале) и Шпанија (шампион), во 2004 година Чешка (полуфинале) итн. Покрај Шпанија во 2008 година, само уште Франција на ЕП 1984 стигна до европската титула откако претходно победи во сите натпревари од групната фаза. Европските првенства од 1960 до 1976 година се играа без играње по групи, со учество на четири репрезентации (со полуфиналиња и финале).

Од селекциите што освоија по девет бода на ЕП 2020, Италија и Белгија се на истата страна на ждрепката и може да се сретнат во четврт-финалето. Двете репрезентации се во серија од 13 победи по ред, вклучувајќи ги и квалификациите за ова првенство, по што Италија има вкупна гол-разлика 44-4, а Белгија, првопласираната на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), 47-4. Холандија, пак, е во половината на ждрепката во која потенцијален противник во четврт-финалето е победникот од дуелот помеѓу Велс и Данска.

На Европското првенство следуваат два дена пауза, а осминафиналињата треба да се играат од сабота до вторник.