Македонскиот фудбалски репрезентативец Иван Тричковски ја доби престижната награда „златна топка“ на Кипар, како најдобар фудбалер сезонава, избран од тренерите во најсилното кипарско првенство.
И покрај повредите, Тричковски имаше сезона за паметење со кипарскиот состав АЕК Ларнака со кого влезе во историјата на клубот како најдобар стрелец. Тој стана и најдобриот голгетер-странец во европските натпреварувања со фантастичен скор од над 20 гола сезонава.
– Ова е голема чест за мене што сум избран за најдобар фудбалер на годината во Кипар. Тоа што сум тука, значи дека сум направил нешто многу добро. Сакам да им се заблагодарам на соиграчите во АЕК Ларнака што ми помогнаа да го остварам овој успех. Уживам во секој момент поминат со мојот тим, а оваа награда ќе ми биде мотив да бидам уште подобар во иднина – изјави Тричковски по примањето на наградата.
Македонскиот репрезентативец цела деценија игра во кипарскиот шампионат. Прво беше дел од АПОЕЛ со кого стигна до четврт-финалето во Лигата на шампионите (ЛШ), а со сегашниот клуб АЕК Ларнака, сезонава играше во групите во Лига Европа (ЛЕ).