Зидан се враќа на местото на успехот

Зинедин Зидан (46), кој се повлече лани во мај, откако со Реал ја освои третата титула европски првак по ред, потпиша договор со „кралскиот клуб“ до 2022 година

Само по 10 месеци од заминувањето, лани во мај, Зинедин Зидан повторно е на тренерската клупа на актуелниот европски фудбалски првак Реал Мадрид. Французинот потпиша договор до 2022 година и го замени Аргентинецот Сантијаго Солари, кој беше отпуштен по помалку од пет месеци. Во почетокот на сезоната на клупата на Реал беше и Хулен Лотепетеги, но и тој доби отказ, исто така, по помалку од пет месеци на функцијата. Зидан (46) се повлече лани во мај, откако со Реал ја освои третата титула европски првак по ред, по што тој, Карло Анчелоти и Боб Пејсли се единствените тренери со по три вакви титули.

– Среќен сум што повторно сум дома. Сакам клубот повторно да го вратам таму каде што му е местото. Беше тешко да се гледа што се случува. Јасно е дека на тимот му требаат промени за повторно да победува. Јас живеев во Мадрид, бев преокупиран со лични работи, но ги наполнив батериите и подготвен сум повторно да го предводам овој голем клуб – изјави Зидан, кој настапуваше за Реал од 2001 до 2006 година, а на тренерската клупа беше од 2016 до 2018-та.

Реал го заврши настапот во Лигата на шампионите (ЛШ), откако беше елиминиран од Ајакс во осминафиналето, како и во „кралскиот куп“, во кој беше елиминиран од Барселона, а во моментов е трет во шпанското првенство, со минус од 12 бода зад лидерот Барселона. По веста за враќањето на Зидан на клупата на „кралевите“, следуваше и објаснување дека станува збор за договор според кој тој ќе има целосна контрола врз трансферите, но и најголема плата во светскиот фудбал (над 20 милиони евра годишно, плус бонуси и премии). Реконструкцијата на тимот била клучна во разговорите помеѓу Флорентино Перез и Зидан, при што претседателот ја сфатил потребата да се направат сериозни „отстапки“ за да се врати Зидан на клупата.

Познавачите велат дека една од причините за заминувањето на Зидан била токму неможноста да ги направи потребните промени во тимот. Исто така, за да ги контролира големите играчки ега во соблекувалната, му била ветена поголема поддршка од клупското раководство. 


Можни засилувања: Нејмар, Мбапе, Азар…

Како приоритетни нови фудбалски засилувања на Реал Мадрид се споменуваат Бразилецот Нејмар од ПСЖ, неговиот тимски колега Килијан Мбапе, Еден Азар од Челси и Данецот Кристијан Ериксен од Тотенхем. Планирано е да се потрошат повеќе од 300 милиони фунти летово, плус други пари од продажбата на некои играчи. Според „Дејли телеграф“, Реал веќе го направил првиот потег во обидот налето да го ангажира Азар, за кого е подготвен да плати 100 милиони фунти, колку што лондонскиот клуб го проценува белгискиот напаѓач, на една година пред истекот на договорот.