Евентуалното одложување на ЕП 2020 за следната година може да предизвика доста промени во календарот на натпревари. Клупското СП треба да се одржи од 14 јуни до 7 јули в година, ЕП 2021 за жени е од 7 јули до 11 август, ЕП до 21 година од 9 до 26 јуни, а мечевите во второто издание во Лигата на нации (ЛН) на програмата се од 2 до 6 јуни
Европското првенство (ЕП) предвидено за летово да се одложи за следното лето, во 2021 година, од 11 јуни до 11 јули, објавија повеќе европски медиуми, по првата вчерашна видеоконференција на Европската фудбалска унија (УЕФА) со земјите-членки на УЕФА и со претставниците на организациите на фудбалерите, клубовите и на лигите.
Оваа одлука треба да ја ратификуваат националните федерации, а потоа Извршниот комитет на УЕФА.
Според информациите, следните чекори на УЕФА би биле формирање две работни групи, од кои едната ќе работи на календарот, а другата ќе ги разгледува финансиските последици за сите инволвирани. Приоритет на европските лиги е завршување на тековната кампања.
Исто така, постои неподготвеност да се прогласи сезоната за неважечка поради многубројните правни предизвици што можеле да ги иницираат незадоволни клубови. Повеќето клубови низ континентот се надеваат дека првенствените натпревари би можеле да завршат до мај или во јуни, и покрај тековната здравствена криза. Можно е и продолжување на сезоната во јули, како и воведување плејоф-системи. Во Лигата на шампиони (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ) во тек се натпреварите во осминафиналната фаза. Постои размислување за играње по еден меч во четврт-финалето и во полуфиналето, а во оптек е одржување и мини-турнир во Истанбул и во Гдањск, градовите-домаќини на финалињата во ЛШ и во ЛЕ.
Евентуалното одложување на ЕП 2020 за следната година може да предизвика доста промени во календарот на натпревари. Клупското Светско првенство, прво со 24 екипи, кое го организира Светската фудбалска федерација (ФИФА), треба да се одржи во Кина од 14 јуни до 7 јули в година. Од другите, ЕП 2021 за жени треба да се одржи во Англија од 7 јули до 11 август, ЕП до 21 година во Словенија и во Унгарија од 9 до 26 јуни, а мечевите во второто издание во Лигата на нации на програмата се од 2 до 6 јуни.