Фудбалската репрезентација на Македонија избори пласман во баражот за Светското првенство во Катар в година откако заврши на втората позиција во квалификациската група Ј по вечерашната победа над Исланд со 3-1 на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Избраниците на Благоја Милевски тргнаа офанзивно и Езџан Алиоски го отвори резултатот со прецизен удар во седмата минута по асистенција на Александар Трајковски. Македонија имаше потполна контрола на теренот и создаваше шанси, но Исланд изедначи во 56-та минута преку Џон Дагур Торстенсон. Елиф Елмас потоа ги постигна одлучувачките голови за победа. Извонредниот играч за врска одлично се снајде во противничкиот шеснаесетник во 65-та минута, по слободниот удар на Енис Барди, а потоа го постави конечниот резултат во 87-та минута. Исланд го заврши мечот со десетмина играчи на теренот откако Исак Јоханесон беше исклучен во 78-та минута поради втор жолт картон.
„Црвено-жолтите“ на тој начин стигнаа до второто место, со 18 бода од 10 средби, пред Романија која заврши на третата позиција со еден поен помалку. Германија, како првопласирана, претходно обезбеди учество на Мундијалот. Романија вечерва славеше против Лихтенштајн на гости со 2-0, додека Германија ја совлада Ерменија со 4-1.
Македонија досега не играла на фудбалско СП ниту во бараж-натпревари за пласман на мундијалите. Дебито во плејоф, но за пласман на европските првенства, го имаше лани, по што годинава дебитира на Европското првенство.
На Светското фудбалско првенство в година во Катар од Европа ќе играат 13 репрезентации. Последните три европски места ќе бидат пополнети по баражот што е закажан од 24 до 29 март в година, во кој ќе разигруваат 10-те второпласирани во групите и две селекции победници на групите во Лигата на нациите од сезоната 2020/2021, кои нема да се квалификуваат директно ниту пак се втори во групите од квалификациите. Во баражот, 12-те репрезентации ќе бидат поделени во три групи, во кои ќе се игра по еден меч во полуфиналињата и потоа во финалињата.