Дебито на Елмас во дресот на Наполи се очекува на пријателскиот натпревар против актуелниот првак на Европа, Ливерпул, в недела во Единбург
Младиот македонски фудбалски интернационалец Елиф Елмас (19) по две сезони го напушти турскиот Фенербахче и потпиша петгодишен договор со италијанскиот Наполи, јавија европски медиуми. Трансферот, како што објавиja медиуми, изнесува 15 милиони евра. Во зависност од бројот на настапите и успесите на Елмас во дресот на Наполи, Фенербахче како бонус ќе добие дополнителен 1,5 милион, плус уште 1,5 милион евра од евентуалниот следен трансфер во друг клуб.
Елмас кариерата ја почна во скопски Работнички, од каде што пред две години се пресели во Фенербахче за 180.000 евра, според „трансфермаркт“. За клубот од главниот град на Турција, плејмејкерот Елмас одигра 34 меча во сите конкуренции и постигна четири гола.
Елмас има настапи за сите селекции на Македонија, категориите до 17, 19 и до 21 година, со која како најмлад играше на Европското првенство во 2017 година во Полска, како и за сениорската репрезентација, за која на 12-те меча постигна два гола.
Дебито на Елмас во Наполи, за кој своевремено има настапувано и славниот Диего Марадона, и на чија тренерска клупа е Карло Анчелоти, се очекува на пријателскиот натпревар против актуелниот првак на Европа, Ливерпул, во Единбург, Шкотска, в недела.
Покрај Елмас, Наполи летово се засили со Костас Манолас од Рома и со Џовани ди Лоренцо од Емполи, а договорите ги продолжија голманите Давиде Оспина и Алекс Мерет.
Трансферот на Елмас е еден од највносните во последниве години и еден од ретките на македонски фудбалери во екипи, и тоа елитни, кои се натпреваруваат во петте најсилни европски лиги, Италија, Франција, Германија, Шпанија и Англија. Освен Елмас, во Серија А, во Џенова е и капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев. Од актуелните репрезентативци, во една од елитните лиги, во шпанската Ла лига, во Леванте игра Енис Барди. Во Англија, за Лидс, во дивизијата Чемпионшип игра Езџан Алиоски.
Во изминатитите години, пред трансферот на Елмас, малкумина македонски фудбалери заминуваа во познати и успешни европски клубови. За издвојување се трансферите на Дарко Панчев пред триесетина години, од тогашниот европски и светски првак Црвена звезда во Интер, потоа на Горан Пандев во Интер, на Илија Најдоски и на Драган Канатларовски во Ваљадолид, односно во Ла Коруња, на Саша Ќириќ во Нирнберг итн.