Не смеете да ја потцените вредноста на податоците и на аналитичарите. Во денешно време, тоа што се случува надвор од теренот е исто толку важно како и на теренот. Од клучно значење е да имате луѓе што можат да разберат дека податоците се битни. Тоа е најпотценетото нешто во фудбалот, вели Тревор Воткинс, глобален шеф за спорт во адвокатската фирма „Пинсент Мејсон“ и поранешен претседател на Борнмут

Aналитичарите на податоци стануваат сѐ позастапени надвор од фудбалските терени. Последен во низата што доведе таков стручњак е Манчестер сити, кој во јануари го ангажира поранешниот астрофизичар и советник за трезорска политика Лори Шо. Тој ќе биде на чело на тимот аналитичари на податоци, кои ќе користат милиони податоци за перформансите на играчите и за претстојните противници за да се зголемат шансите за победа, се наведува во статијата на „Би-би-си“.
Користењето податоци и нивната анализа се неопходни за фудбалските клубови, но тоа повеќе не е ограничено само на големите тимови во Премиер-лигата. Благодарение на поевтиниот и подостапен софтвер и помалите клубови му се приклучија на тој тренд. Една таква алатка е оптичкото следење, кое може да се искористи за да се одреди позицијата на играчите на теренот 25 пати во секунда, во однос на топката, на противникот и на соиграчите. Постојат и алатки за податоците поврзани со топката, како што се додавањата, ударите и загубените топки. Понапредните алатки можат да ги анализираат дефанзивната стабилност, контролата на теренот и шансите за постигнување гол без посед на топка. На тренинзите, фудбалерите користат уреди за да се измерат интензитетот на работа и заморот, за да се контролира нивната физичка подготвеност, пишува „Би-би-си“.

– Не смеете да ја потцените вредноста на податоците и на аналитичарите. За еден фудбалски клуб најважен фактор е подобрување на шансите за победа. Во денешно време, тоа што се случува надвор од теренот е исто толку важно како и на теренот. Од клучно значење е да имате луѓе што можат да разберат дека податоците се битни. Тоа е најпотценетото нешто во фудбалот – вели Тревор Воткинс, глобален шеф за спорт во адвокатската фирма „Пинсент Мејсон“ и поранешен претседател на Борнмут.
Поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, важи за голем поборник и беше пионер во користењето податоци и аналитика. Во моментов Арсенал има тим од околу 15 луѓе што работат на перформансите, анализа и наука за податоци. Ливерпул, Барселона и од неодамна Манчестер сити се сметаат за водечки клубови во областа на обработката на податоците, според Јан Ван Харен, шеф на аналитика во „Сци спортс“.
– Клубовите со големи буџети создадоа оддели за анализа на податоци, кои работат со аналитичари на перформанси и оддели за скаутирање. Но сѐ повеќе клубови со помали буџети ги прават првите чекори во оваа област – вели Рубен Саведра, коосновач на фирмата за спортска аналитика „Метрика спортс“.

Помалите клубови имаат тенденција да се одлучат за софтвер што се базира на видеоснимки. Елитните клубови претпочитаат персонализирани алатки што се однесуваат на специфични области, како што се начинот на кој ја градат играта, почнувајќи од голманот, или деловите на теренот каде што сакаат да го притиснат противникот. Тие користат и алгоритми за автоматско откривање обрасци во игрите.
Експертите велат дека еден од главните предизвици е времето, бидејќи податоците треба брзо да се анализираат затоа што натпреварите се играат многу често. Чиен Ли е основач и претседател на „Њу сити капитал“, приватна инвестициска фирма што е најголем акционер во Барнсли и има инвестирано во пет европски фудбалски клуба.
– Откако го купивме Барнсли пред три години, користиме многу податоци. Главно за да идентификуваме талентирани млади играчи, но и тренери. И се покажа многу успешно. Бараме фудбалери и тренери чиј стил на игра е каков што сакаме, а тоа е многу комбинаторна игра. Но мора да го балансираме и буџетот. Пандемијата покажа колку е тешко да се преживее кога не го правиш ова – рече Ли.


„Моделот покажува дека шутирањето од далечина
генерално е непродуктивно“

Влијанието на податоците се покажува и на други начини. Еден пример е метричката „Очекувани голови“, која го мери квалитетот на ударите на тимот и на играчите. Откако почна да се користи таа алатка, просечното растојание на ударите на гол во Премиер-лигата опаѓа секоја сезона.
– Во суштина моделот покажува дека шутирањето од далечина генерално е непродуктивно и го смени начинот на кој повеќето тимови се обидуваат да ја градат напаѓачката игра – вели Данкан Александар од фирмата за спортска технологија „Статс перформ“.


Вештачка интелигенција и во фудбалот

Анализата на податоците генерално се фокусира на анализа на минатите натпревари.
– Сепак, верувам дека анализата на податоци ќе се прошири и на предвидување на идните настани. Овој тип технологија веќе се користи во други спортови, шахистите користат шаховски машини што симулираат различни стилови на игра и исходи. Како алатка за фудбалските клубови ова може да има огромно влијание врз начинот на тренирање и врз трансфер-пазарот – вели Рубен Саведра, коосновач на фирмата за спортска аналитика „Метрика спортс“.
Поранешниот претседател на Борнмут, Тревор Воткинс, смета дека наскоро со помош на технологијата би можело да се комуницира со играчите на теренот во реално време, а Ли вели дека клубовите ќе користат и вештачка интелигенција за да ги анализираат мисловните процеси на играчите за да им помогнат при донесувањето одлуки.