Вардар, сезона 1970/71: Плачков, Андреевски, Сребров, Анчевски, С. Мојсов, Мутибариќ (горе, од лево кон десно), Георгиев, Врбица, В. Балевски, Ѓ. Николовски, М. Спасовски (долу, од лево кон десно)

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (187)

Сите деца од Скопје уште при првиот контакт со топката посакуваа да стигнат до пионерскиот тим на Вардар. Диме Георгиев за 10 години во Вардар одигра 364 натпревари, првенствени и пријателски. Кокиновски и Петровски му беа први тренери, многу научи и од легендарниот Шпиц, а Рушевљанин донесе револуција во клубот

Еден од најстандардните вардарови фудбалери во втората половина (1965- 1975) од минатиот век беше Диме Георгиев. Тој, како и сите скопски деца, почна да ја шутира топката уште во основното, а потоа и во средното училиште. Уште од тие моменти се виде дека кај него има фудбалски квалитети, па, така, неочекувано брзо се најде во пионерскиот погон на Вардар, каде што тренери беа прославените имиња Васко Кокиновски-Макара и Урош Петровски. Тие беа како скаути на Вардар, прибираа информации за талентите, кои најчесто играа на улица со провизорни голчиња или, пак, во училишните дворови.
– Меѓу оние што беа забележани од тренерите бев и јас, па затоа кога ме прашаа дали сакам да дојдам во пионерската екипа на Вардар бев одушевен, зашто Вардар за сите нас беше како магнет – ја почна својата приказна Диме Георгиев.
Инаку, Диме од малечок беше приврзан кон фудбалот, бидејќи и неговиот татко беше активен фудбалер. Тој играше за екипата на Поштар, која се натпреваруваше во Скопскиот потсојуз.

ПОЧЕТОК КАКО ЛЕВО КРИЛО

По неколку тренинзи во Вардар, Диме заигра за младинскиот тим, и тоа не на неговото вообичаено место во средниот ред, туку на позиција на лево крило.
– Иако дотогаш не настапував на таа позиција, бев пресреќен што, сепак, се најдов во првата постава. И за моја среќа, не само што се снајдов на новата позиција туку постигнав и гол. Тогаш бев забележан од уште една вардарова легенда, Миле Миланов, кој веќе не играше и беше претседател на младинско-пионерската комисија. По натпреварот дојде, ми честита за добрата игра и веќе ми беше јасно дека имам обезбедено место во младинскиот тим и дека на мене сериозно ќе се смета во иднина – се сеќава Георгиев.

Така почна онаа вистинска кариера на Диме Георгиев, кој во тој период беше во третиот клас од Средното техничко училиште во Скопје. Тогаш во Вардар се практикуваше оние поталентираните повремено да работат и со сениорскиот тим, во кој Илеш Шпиц беше главен во стручниот штаб, а Антал Лика тренер на првиот тим.
– Во силната конкуренција и не помислував дека набрзо ќе заиграм за првата екипа, но за мене беше голема радост и чест да бидам тука, покрај Шулинчевски, Дончевски, Илиевски, Спасовски, Божиновски, браќата Илија и Сократ Мојсови, Ж. Поповски, Дојчиновски. За тренинзите со првиот тим бев особено мотивиран, зашто од Шпиц и од Лика можеше многу да се научи. Двајцата беа добри педагози и беше милина да се тренира со нив – вели тој.

ПОТПИШУВАЊЕ ПРВ ПРОФЕСИОНАЛЕН ДОГОВОР

Георгиев во младинската екипа под командата на Урош Петровски најчесто играше во средниот ред. Тој беше фудбалер што можеше да одговори на сите задачи. Тоа го забележаа луѓето од стручниот штаб, па, така, нему и на уште петмина други младинци, меѓу кои беше и најмладиот од браќата Мојсови, Лазар, им беше речено да одат во клупските простории и со секретарот, чичко Јакша Христовски, да потпишат професионален договор.

– Бев збунет, не спиев цела ноќ. Јас, кој сонував за Вардар, еве, дојде моментот да потпишам договор. И тука, ја направив најголемата „утка“. Кога чичко Јакша ме праша кои се условите што ги барам за потпишување на профи-договорот, јас како од „пушка“ распалив – пет милиони динари. Кога слушна, ме истера од канцеларијата со зборовите „бегај, да не те видам повеќе“. Разочаран излегов, а другите гледајќи ме онака „скиснат“ ме прашуваа „што се случи“. Ја оплескав работата им реков и останав пред клупските простории, за да видам што ќе се случи со другите. Си мислев, готово е со мене и со сонот да заиграм за Вардар. Но кога сакав да тргнам кон дома, Јакша се појави и ме викна. „Ајде потпишувај го договорот, парите заборави ги“. Јас пресреќен ништо не проговорив, брзо потпишав од страв Јакша да не се премисли и си заминав. Тие пет милиони отидоа во заборав – вели Диме.
Ете, така почна професионалниот пат на Диме Георгиев, кој сега требаше да чека да се отвори место за да заигра за првата екипа.
– За моја среќа, во тоа време некои фудбалери од постарите, кои со години настапуваа, се повлекоа, некои отидоа во други клубови, па, така, се отвори место за нас помладите што чекавме во секој момент да влетаме во првата екипа. Меѓу оние што добија шанса бев и јас, па од 1965 година станав стандарден првотимец – вели тој.

РУШЕВЉАНИН ДОНЕСЕ РЕВОЛУЦИЈА ВО ВАРДАР

Претходната година во Вардар на чело на стручниот штаб дојде познатиот стручњак, инаку новинар на „Маџар со“ од Нови Сад, Хуго Рушевљанин. Тој две години порано, на Светското првенство во Чиле, беше член на тројната селекторска комисија на Југославија заедно со Тирнаниќ и со Ловриќ. На молба на Вардар, иако беше баран и од клубовите од „големата четворка“, тој заедно со тренерот Фрањо Пазмањ дојде во Скопје. Тоа беше во годината кога Вардар испадна од Првата лига, но поради земјотресот и условите под кои се натпреваруваше, ФСЈ донесе одлука најпопуларниот македонски тим да остане да се натпреварува во прволигашкото друштво.

– Ова беше голем потег на југословенските фудбалски работници, а за Вардар уште поголем беше потегот во клубот да се донесе една личност како Рушевљанин. Може да се каже оти Хуго, кој дојде во ерата на комплетната професионализација на фудбалот кај нас, донесе една револуција во Вардар. Во негово време точно се знаеше кои се задачите на администрацијата, на стручниот штаб, на економатот на клубот, а тој беше иницијатор за формирање на пионерско-младинската школа со Дончевски и со Шулинчевски како професионални тренери, бидејќи завршија со активното играње. Што се однесуваше до стручната работа, Хуго беше главниот идеолог, а Пазмањ реализатор на теренот. Тоа беше навистина еден извонреден тандем. Во тој период и јас заедно со другите младинци што потпишавме професионални договори многу напреднавме. Прв од нас во првата екипа заигра Лазар Мојсов, а јас дебитирав една година по него во 1965-та. Во таа сезона одиграв седум прволигашки натпревари и постигнав еден гол, што беше показател дека моето време допрва доаѓа – вели Диме Георгиев.

Диме Георгиев од првата година како првотимец се сеќава и на натпреварот за Балканскиот куп со Олимпијакос, одигран во Атина.
– Неколку првотимци беа повредени, па Рушевљанин ми рече „ти мали ќе играш лев бек“. Бев изненаден, зашто на оваа позиција дотогаш немав играно, но немаше дискусија, она што ќе каже шефот е закон. Иако и јас бев повреден, играв, се борев долго време и резултатот беше 0-0. Но пред крајот, Василис, кој беше репрезентативец на Грција, постигна погодок за победа на Олимпијакос. Кога Хуго влезе во соблекувалната прво дојде кај мене и на мое изненадување ми честита за добрата игра. Бев изненаден, зашто и самиот не знаев како сум одиграл. Другиот ден и во весниците нѐ истакнаа мене и Николиќ, како најдобри поединци во редовите на Вардар – вели тој.

За натамошниот тек на кариерата на Диме Георгиев и за некои прволигашки средби што посебно му останале во сеќавање ќе читате идниот понеделник.


ДИМЕ ГЕОРГИЕВ
Роден: Во 1945 година во Скопје
Кариера: Вардар, Куманово, Тетекс
Успеси: Шесто место со Вардар во Првата лига во сезоната 1967/68, осмо место една година порано и трипати 10-то место. Во сезоната 1970/71 прво место во Втората лига и преку дополнителни квалификации враќање во елитата. Одиграни 364 првенствени и пријателски меча за Вардар, постигнати 59 гола
Тренер: Тетекс, Кожуф, Вардарски, Пелистер, Работнички, Комуналец, претседател на Комисијата за младински фудбал во ФФМ