Фудбалската легенда на Челси, Френк Лампард, е нов менаџер на „сините“ од Лондон, со кои потпиша тригодишен договор, пренесуваат светските медиуми.
– Неизмерно сум горд што во Челси се враќам како главен тренер. Сите ја знаат мојата голема љубов кон клубот, како и дека заедно сме ја испишувале неговата историја, но мометално мојата едниствена цел е подготвување на тимот за следната сезона. Дојдов за да работам напорно, да носам нови успеси на клубот, бидејќи на стара слава не се живее, и искрено не можам да дочекам да започнам со работа – истакна новиот менаџер на „сините“ од „Стамфорд бриџ“.
Поранешниот репрезентативец доаѓа од екпата на Дерби каунти со која не успеа да обезбеди пласман во Премиер-лигата, од каде доби дозвола дека може да преговара со својот поранешен клуб.
Англиските медиуми пишуваа дека преговорите траеле долго поради тоа што Лампард барал потврда од првиот човек на клубот Роман Абрамович дека сериозно и долгорочно смета на него, како и дека ќе му обезбеди соодветни засилувања кога ќе истече забраната за трансфери од ФИФА.
Многу фудбалски аналитичари сметаа дека Лампард нема доволно искуство за „жешкото“ столче на „Стамфорд бриџ“, ниту пак дека коинцидира со профилот на менаџер кои контроверзниот руски сопственик ги ангажираше во минатото. Од друга страна, поддржувачите на овој чекор пак, тврдеа дека невклопувањето во моделот на Челси би можело да биде од корист за релативно неискусниот тренер.
Лампард е една од најголемите легенди на Челси, тим за кој настапуваше 13 години. Со лондонскиот клуб вкупно освои 11 трофеи, од кои три титули во Премиер-лигата и еден трофеј во Лигата на шампионите. Покрај тоа, некогашниот репрезентативец на Англија е најдобар срелец во клупската историја со 211 постигнати голови, најдобро остварување во Премиер-лигата за еден играч кој играл на позиција на средината на теренот.