Двете репрезентации што ги добија претходните 14 меча, по 10 во квалификациите и по четири на ЕП 2020, играат вечерва во второто четврт-финале

ФУДБАЛ

Еден од најинтересните четвртфинални натпревари на фудбалското Европско првенство (ЕП) 2020 е вечерашниот дуел Белгија – Италија (од 21 часот), кој може да се нарече и финале пред финалето.
Белгија е прва на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), има редица екстра-квалитетни фудбалери што настапуваат во врвни клубови, тим што е спој на прекалени, искусни и на млади, но веќе проверени сили. Во квалификациите за ЕП, Белгијците имаа максимален ефект, 10 победи на исто толку натпревари, постигнаа најмногу голови, 40, а примија само три. Победничката серија Белгијците ја продолжија и на завршниот турнир на ЕП, со трите победи во групата Б, над Русија (3-0), Данска (2-1) и над Финска (2-0), потоа и со елиминацијата на бранителот на титулата, Португалија (1-0). Белгијците се надеваат дека ќе продолжат со победите, но голем проблем за нив пред овој дуел се повредите на Кевин де Брујне и на Еден Азар, кои се неизвесни. Колку се битни тие, најдобро се виде на мечот против Данска, кога влегоа во игра во второто полувреме и беа најзаслужни за пресвртот од 0-1 до 2-1.
– Очекувам Италија да нападне уште од првата секунда, тие ќе бидат многу добро распоредени и динамични. Секој нивни играч си ја знае својата улога. Имавме тежок меч против Португалија, обично фудбалерите не играат толку физички интензивни натпревари во оваа фаза од турнирот. За среќа, имавме доволно денови да закрепнеме и добро да се подготвиме – вели Роберто Мартинез, селекторот на Белгија.
Италија, која 10-ти пат е на европските првенства (седум пати во низа, од 1992 година), има одличен биланс во дуелите со Белгија. На досегашните 22 натпревари забележа 14 победи и по четири ремија и порази. Претходен пат меѓу себе играа на минатото ЕП, во 2016 година, во групната фаза, а победи Италија, со 2-0.

Италијанците, исто како и Белгија, во квалификациите ги добија сите 10 меча, како и четирите на ЕП 2020, трите во групата А, со Турција (3-0), Швајцарија (3-0) и со Велс (2-0) и во осминафиналето, со Австрија (2-1). Италијанците се во серија од 31 меч без пораз, најмногу во фудбалската историја на таа земја.
Италија има една титула првак на Европа, во 1968 година, и две вицешампионски, во 2000 и во 2012 година. Белгија беше втора во 1980 година. Двајцата селектори, Мартинез на Белгија и Роберто Манчини на Италија, своевремено, како менаџери на англиските премиерлигаши Виган и Манчестер сити се сретнаа во финалето на ФА-купот во 2013 година, во кое Виган победи со 1-0, освојувајќи го првиот трофеј во клупската историја. Покрај ова, во двете репрезентации има повеќе играчи што настапуваат од исти клубови и добро се познаваат. Ромелу Лукаку, Николо Барела и Аласандро Бастони се во Интер, Дрис Мартенс, Лоренцо Инсиње, Џовани Ди Лоренцо и Алекс Мерет во Наполи итн., што е добра најава за возбудлив и неизвесен натпревар.


ОСМИНАФИНАЛЕ

Франција – Швајцарија 3-3 (4-5 п.)
Хрватска – Шпанија 3-5
Белгија – Португалија 1-0
Италија – Австрија 2-1
Холандија – Чешка 0-2
Велс – Данска 0-4
Шведска – Украина 1-2
Англија – Германија 2-0

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Швајцарија – Шпанија 18 ч.
2. Белгија – Италија 21 ч.
3. Чешка – Данска утре, 18 ч.
4. Украина – Англија утре, 21 ч.

ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 2 – Победник 1 вторник
Победник 4 – Победник 3 среда

ФИНАЛЕ
11 јули, Лондон