Клубовите од пониските дивизии во Англија добиле одобрение да организираат пилот-настани со најмногу 1.000 гледачи. Во Премиер-лигата, како и во првенствата на Шпанија и на Италија, се игра пред празни трибини, во Германија може да има до 20 проценти од капацитетот на стадионот, а во Франција најмногу до 5.000 гледачи. Процените се дека ако сезоната се одигра зад затворени врати, клубовите заедно вкупно ќе загубат повеќе стотици милиони евра во секоја од тие лиги

ФУДБАЛ – ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА

Англиската фудбалска лига (ЕФЛ), која ја сочинуваат клубовите во дивизиите Чемпионшип, Лига 1 и Лига 2, вкупно 71, соопшти дека добила одобрение од Владата на Велика Британија да организира пилот-настани на кои ќе може да присуствуваат до 1.000 гледачи на стадионите, пренесува „Ројтерс“. Фудбалот во Англија и во Европа последниве месеци се играше зад затворени врати поради пандемијата на ковид-19, но некои клубови организираа тест-мечеви со ограничен број гледачи, со протоколи за физичко растојание, за да се спречи ширењето на коронавирусот.
Враќањето на гледачите на стадионите во Англија е високо на агендата на клубовите поради големите финансиски загуби како резултат на немањето приходи од продажбата на билети и од други дејности на денот на одигрувањето на мечевите. Владата на Велика Британија ги ограничи пилот-настаните на 1.000 гледачи по зголемувањето на бројот на позитивни случаи на ковид-19 минатата недела и најави дека повторно ќе се разгледуваат плановите од 1 октомври стадионите да бидат исполнети до една третина од капацитетот. Првиот човек на Премиер-лигата, Ричард Мастерс, изјави дека 20-те клуба во најквалитетната лига ќе загубат вкупно 700 милиони фунти ако сезонава на гледачите не им биде дозволено присуство на стадионите, пишува „Ројтерс“.

Процените се дека ако сезоната се одигра без публика, клубовите од најсилните пет лиги во Европа (Англија, Германија, Италија, Франција, Шпанија) заедно вкупно ќе загубат повеќе стотици милиони евра во секоја од тие лиги.
– Присуството на публика на натпреварите е суштинско за финансискиот опстанок на клубовите, кои едвај егзистираат во вакви услови. Успешната примена на овие пилот-проекти ќе биде голем чекор напред кон целосно враќање на гледачите на трибините – изјави портпаролот на ЕФЛ.
Во Германија, мечот Борусија Д. – Борусија М., во 1. коло на новата сезона во Бундес-лигата в сабота, треба да се одигра пред околу 10.000 гледачи. Клубовите од Бундес-лигата добија дозвола за враќање на гледачите на стадионите во новата сезона во услови на пандемија на ковид-19, најмногу до 20 проценти од капацитетот на стадионот (без гостински навивачи), со строги хигиенски протоколи и забрана за консумирање алкохол. Можно е и повторно играње зад затворени врати ако стапката на инфекција во одреден град драстично се зголеми во период од седум дена.

Во Шпанија минатиот викенд почна 90-та прволигашка сезона. Најавите се дека гледачите би можеле да се вратат на стадионите најрано кон крајот на декември или во почетокот на јануари в година.
Во Италија за викендов се закажани дуелите од првата рунда. Иако во подготвителниот период на некои мечеви можеа да присуствуваат до 1.000 гледачи, такво нешто ќе нема на првенствените средби до 1 октомври. Потоа, во зависност од ситуацијата со ковид-19 и со медицинските и безбедносните протоколи, ќе се разгледуваат можностите за присуство на гледачи на секој стадион одделно.

Во француската лига новата сезона почна на 21 август, со дозвола на властите на трибините да има најмногу до 5.000 гледачи, со почитување на сите пропишани мерки, од носење маски, физичка дистанца со две празни столчиња, до задолжително седење. Можно е натамошно зголемување на бројот на публиката, во зависност од ситуацијата.
Во Македонија и во повеќето земји од регионот засега на фудбалските натпревари не е дозволено присуство на гледачи. 


ГЛЕДАЧИ НА ТРИБИНИТЕ ВО НАЈСИЛНИТЕ ПЕТ ЛИГИ ВО ЕВРОПА

Германија Бундес-лига до 20 проценти од капацитетот на стадионот
Франција Лига 1 најмногу до 5.000 гледачи
Италија Серија А без публика најмалку до 1 октомври
Шпанија Ла лига без публика најмалку до крајот на декември
Англија Премиер-лига без публика, пилот-настани до 1.000 гледачи во пониските лиги