Европскиот првак Баерн го совлада победникот во Лига Европа, Севилја, со 2-1, во мечот за Суперкупот на УЕФА. Баерн годинава ги освои и Лигата на шампионите, Бундес-лигата и во Купот на Германија
Баерн на најдобар можен начин ја заокружи трофејната фудбалска сезона, со победа над Севилја (2-1) во Суперкупот на УЕФА и со кревање на четвртиот пехар, откако претходно триумфира во Лигата на шампионите, во Бундес-лигата и во Купот на Германија.
Баварците се во серија од 32 меча без пораз (последниот го претрпеа лани во декември) и, со 23 победи во низа, ја прекинаа серијата на Севилја од 21 меч без пораз. Севилја, која е рекордер со шест триумфи во Лига Европа (ЛЕ), го претрпе петтиот, рекорден пораз во Суперкупот, а Баерн е 10-та екипа што два и повеќе пати го освојува тој трофеј на УЕФА. Рекордери се Барселона и Милан, со по пет триумфи. Во досегашните 45 изданија на Суперкупот, 25 пати победувал првакот на Европа, а 20 освојувачот на ЛЕ (порано Купот на УЕФА, а уште пред тоа на Купот на победниците на куповите).
– Одушевени сме, неверојатно е. Многу сме уморни по 120 минути игра против Севилја, која беше тежок противник. Покажавме дека имаме победнички менталитет, дури и кога не играме на највисоко ниво. Честитки за тимот и за Хави Мартинез, нашиот „господин Суперкуп“ – изјави Томас Милер, кој беше прогласен за најдобар играч на натпреварот.
Мартинез, кој најверојатно го одигра последниот натпревар за Баерн и ќе се врати во матичниот Атлетик Билбао, беше стрелец на победоносниот гол во продолжението и во Суперкупот во 2013 година против Челси.
На трибините на арената „Ференц Пушкаш“ во Будимпешта (капацитет од 67.000 седишта) имаше 15.500 гледачи, првпат на позначаен натпревар по пандемијата на ковид-19, како своевиден тест на УЕФА за можно постепено враќање на гледачите на стадионите.