Голот на Диего Коста

Големото дерби во шпанската Ла лига, меѓу Атлетико и Барселона (1-1), не ги оправда очекувањата, а според многумина тоа беше еден од најздодевните дуели последниве години меѓу овие два тима. Фудбалерите на Атлетико не сакаа да се надигруваат, беа повлечени на својата половина и чекаа на грешка на противникот. Барса сакаше да игра, но едноставно беше немоќна да создаде некоја поизгледна шанса. Во првите 45 минути немаше ниту еден на двата гола или што било вредно за спомнување, освен 15-те фаули.

Да не беа двата гола во финишот од мечот, на Диего Коста во 77-та (прв сезонава и прв за него од февруари), практично од првиот удар на голот (по корнерот) и израмнувачкиот на Осман Дембеле во 90-та минута мечот едвај ќе заслужеше преодна оцена. Дембеле, кој влезе во игра во 80-та минута повторно беше спасителот на Барса, постигнувајќи го петтиот гол сезонава, со што на Барса и донесе седум бода.
По ова коло, Барса е прва на табелата со 25, Атлетико е втор со 24, Севилја и Алавес имаат по 23 бода.

Реал предводен од Сантијаго Сколари, на првиот меч како официјален тренер на „кралевите“, доживеа вистински нокаут од Еибар, 0-3, и сега е шести со 20 бода. Еибар го забележа првиот првенствен триумф во дуелите со Реал, кому досега му имаше дадено вкупно три гола! Навивачите на Реал беа бесни на голманот, Белгиецот Тибио Куртоа го „распнаа“ на социјалните мрежи, нарекувајќи го најлошото засилување во „клупската историја“.


Бускетс го одигра 500-от меч за Барса

Од мечот Атлетико – Барса, за издвојување е тоа дека Серхио Бускетс (30) го одигра 500-от натпревар за Барса, од дебито во септември 2008 година, па досега. Оваа бројка на одиграни натпревари во дресот на каталонскиот гигант уште повеќе добива на „тежина“ ако се знае дека освен Бускетс, 500 и повеќе мечеви за Барса одиграле уште седуммина фудбалери, сите од ред клупски легенди. Тоа се Чави (767), Андрес Иниеста (674), Лионел Меси (651), Карлес Пујол (593), Мигели (549) и Виктор Валдез (535 меча).
Бускетс во кариерата, со Шпанија, бил светски првак во 2010 и европски во 2012-та, а со Барселона трипати првак на Европа, седумпати првак на Шпанија, а освоил и шест „кралски“ купа.