Постои реална веројатност дека ако нешто не се договори внатре во рамките на фудбалот, за да се обезбеди сите клубови да можат да ги плаќаат сметките и да се обновуваат приходите, тогаш ќе бидеме сведоци како 50 или 60 клуба ќе престанат да постојат, вели Фил Хочкинсон

АНГЛИЈА – ФИЛ ХОЧКИНСОН, СОПСТВЕНИК НА ХАДЕРСФИЛД

Пирамидата на англискиот фудбал ќе биде уништена, а дури 50 или 60 клуба би можеле да пропаднат, освен ако не почне да се планира за финансиското влијание на ковид-19 по сезоната 2019/2020, вели Фил Хочкинсон, сопственикот на Хадерсфилд, член на англиската дивизија Чемпионшип.
– Проблемот не е дали ќе ја завршиме сезонава, туку она што ќе се случува потоа – изјави Хочкинсон за „Би-би-си“.

Тој има искуство со многу англиски клубови од пониските лиги.
– Ако не постигнеме договор, нема да има фудбалска пирамида. Постои реална веројатност дека ако нешто не се договори внатре во рамките на фудбалот, за да се обезбеди сите клубови да можат да ги плаќаат сметките и да се обновуваат приходите, тогаш ќе бидеме сведоци како 50 или 60 клуба ќе престанат да постојат – вели Хочкинсон.

Но што ќе направи фудбалот за да опстои целата пирамида. Хочкинсон смета дека неговиот клуб Хадерсфилд, со три бода над зоната за испаѓање во Чемпионшип, сака сезоната да ја почне кога ќе биде безбедно, со тоа што клубовите треба да се вратат на тренинзите в понеделник. Тој смета дека „не се гледа пошироката слика“, со главниот фокус на рестартирање на сезонава.

– Секој клуб ќе го чини помеѓу 150.000 и 200.000 фунти тестирањето за да се дојде до крајот на сезоната. Но што ќе се случува потоа? Од Владата ни е речено дека нема да има големи собири додека не се пронајде вакцината против ковид-19, а тоа веројатно ќе биде во 2021 година. Тоа значи дека фудбалските клубови ќе изгубат огромен дел од своите приходи надвор од тие за ТВ-права и дека во следните три, шест или 12 месеци клубовите нема да имаат приходи – вели Хочкинсон.