ФУДБАЛ
За спас на сезоната во англиската фудбалска Премиер-лига се понуди и Австралија, која го избегна најлошото сценарио со пандемијата на коронавирусот и која преку Перт, градот на западниот брег, нуди солуција.
– Разговарав со неколку клубови во Премиер-лигата и ним им се допаѓа идејата. Разговарав и со наши владини претставници, и тие се ентузијасти. Тука сите се безбедни, нема многу ограничувања. Седиме наоколу во групи од по десетмина, можеме да шетаме, плажите се отворени. Во последните десет дена имавме само четири нови случаи на заразени од коронавирусот – вели фудбалскиот агент Гари Вилијамс, Англичанец по потекло, роден во Бирмингем, а сега живее во Перт.
Логистичките и организациските главоболки се тешко решливи, но Вилијамс има поддршка од еден локален политичар, државниот сенатор на Перт, Глен Стерл.
– Со тешко срце гледам што се случува во Англија. Сакаме и можеме да помогнеме, бидејќи речиси и немаме нови случаи. Би имало само карантин за нашите пријатели кога ќе пристигнат, а потоа ќе може да се игра. Мислам дека тоа е прекрасна идеја. Ова е центарот на спортскиот универзум во Австралија. Имаме свеж воздух и добро време. Би било идеално – изјави Стерл.