Во крајно возбудлив натпревар, пред полни трибини во спортскиот центар Форца, новиот прволигаш Газели го совлада актуелниот шампион Јанта Волеј со резултат 3:1 (18:25, 25:23, 25:23, 25:20)
Натпреварот кој со право го понесе епитетот дерби на колото не разочара. Шампионот сигурно го отвори натпреварот со 1:0, но во продолжението гледавме сосема поинаков меч. Во вториот сет екипата на Газели го стабилизираше приемот, ги намали грешките и ја подигна играта во одбрана на мрежа, што резултираше со резултатска неизвесност во текот на целиот сет. Двете екипи покажаа исклучителна борбеност и организација во одбраната. Решавачкиот поен за 1:1 при резултат 24:23 за Газели и припадна на 17-годишниот среден блокер и кадетска репрезентативка на Македонија, Мајтеа Сотировска, која со одличен блок го спречи „пеналот“ на Аргентинката Јазмин Ледесма.
Третиот сет приреди пак поинаква возбуда. Газели отворија со 6:0 со сигурен сервис на Сотировска и во текот на целиот сет одржуваа разлика од 6-7 поени.
Меѓутоа шампионот во самиот финиш и со сервис серија на уште една кадетска репрезентативка Ана Ѓорѓиевска, успеа да се доближи повторно на неизвесни 24:23. Сепак тоа не беше доволно за пресврт и Газели го презедоа водството со 2:1 во сетови.
Охрабрени од камбекот, шампионот добро го отвори последниот сет и до самиот крај држеше повеќе пати предност од 2-3 разлика. Клучниот пресврт дојде во финишот по сервисите на сениорската репрезентативка и капитен Теа Терзиевска која имаше извонреден меч како и останатите играчи од екипата на Газели.
Во екипата на Газели најдобри беа: Теа Терзиевска со 15 поени, Мила Дикова и Даниела Горбок со по 14. Младите Матеа Попоска (техничар) и Матеа Сотировска (среден блокер) го одиграа својот најдобар натпревар досега, додека одбраната под водство на искусната репрезентативка Емилија Попјордановска одлично функционираше. Во отсуство на повредената Ева Горбок (техничар) значаен придонес со своето искуство имаше и Ивана Пејовска, како и интернационалката Теодора Ракочевиќ (среден блокер) која болна го играше натпреварот.
Во екипата на Јанта, Ана Ѓорѓиевска и Мери Бошковска имаа 15 и 14 поени, а одлично во одбрана одигра и репрезентативното либеро Надица Антеска.
Двата тима не настапија комплетни.
Во екипата на Газели не беа во можност да настапат Јована Каленикова, Зофиа Георгиевска, Ева и Сара Горбок (вирус и помали повреди) како и Џеладин Нита (подолгo отсуство). Додека во екипата на Јанта Волеј не настапија Тeтјана Јаневиќ и Сара Серафимовска.
Натпреварот одеше во живо на МТВ3 и може да го погледнете репризните термини или на YouTube каналот на Македонската одбојкарска федерација.
























































