Горан Ѓоргоноски

Вардар како домаќин во „Јане“ го совлада шампионот Еурофарм Пелистер

Вардар, мотивиран, одморен и бајаги наострен за борба. Без тразниција и брзи и лесни голови стигна до бројката од 27 погодоци, кои само благодарение на оачјниот Пелистер, беа доволни за триумф. Така со други екипи тешко ќе се носи. Очекувано солидна зона, убава ротација и паметно користење на „кадарот“. Еспиња, па и Гогов, иако статистички не блистаа, комбинираа важни одбрани на голот. Нападот има сериозен потенцијал, кој треба да се „заузда“. Многу играчи во ростер, многу „усти“ за хранење и потенцијална бомба во соблекувална. Мало „проветрување“ во декември, со позајмици на неколку млади играчи и испраќање на уште еден двајца дома. За мирна глава. Додека Џомба со 38 години „гризе“ на терен и Војводата на клупа „врие“, ќе има мегдан во „Јане“, а и сите странци ќе знаат каде се дојдени и што се очекува од нив

Анализа на Горан Ѓоргоноски за „Нова Македонија“

Дерби. И тоа на „вечните“, што би рекле на „северот“. Натпревар кој нималку не е лесно да се игра. Особено ако сте во ситуација кога „мора да се добие“ истиот.

А и на нас, кои пост-фактум, анализираме и се обидуваме на хартија да ставиме неколку реченици за тоа како сме го виделе натпреварот, некако ни е невообичаено тешко. Тешко од аспект што да се опфати од самиот натпревар, а од причина што добивам впечаток дека многу ретко некој ќе го интересира тактичката поставеност на едните или другите, ефектот на голманите, конкретноста во нападот, транзицијта и колку „лесни“ голови им донела истата на едните или другите.

Фото: РК Вардар/Денис Дуковски

Од исполнување на музички желби до петиции за „летање глави“, барање „влакно во јајце“ на судиските одлуки, „трачарење“ за изјави на врвни спортисти во улога на тролови кои провоцираат противник, па дури и наклонетоста на коменаторите на националниот сервис. Се е во фокусот на вниманието…

Но, да видиме како стоиме со суштината.

„Двократниот“ во рамките на домашниот шампионат го совлада актуелниот шампион на Македонија, битолски Еурофарм Пелистер и колку-толку успеа да „се испере“ за оној пораз во првото коло во Автокоманда. Во дерби натпревар, во кој и двете екипи влегоа „ранети“ од различен тип на муниција (едните влегоа во барабанот порази во ЛШ, а другите долго „им киснеше“ поразот во Автокоманда, без можност за поправен), победникот има(ше) шанса да се рехбилитира, да го „среди дворот“, да ја „смири“ соблекувлната, но и да ја подигне самодовербата.

Споменав на стратот на натпреварот, во директниот пренос на националниот сервис, дека Вардар има подобра одбранбена зона, компактна, борбена, додека Пелистер е подобро пополнет или ако сакате поквалитетен на голманската позиција, каде има два искусни голомани во Митревски и Ивиќ. Домаќинот тоа и го покажа во саботата во „Јане“, поставувајќи, малку потценувачки спрема бековите на Пелистер, плитка 6-0 зона, формација која не дозволи корисни топки за Пешевски, овозможи густина, непробојност и можност за меѓусебна помош во дуелите на Лазаревски, Аларов и останатите, со бековите на битолчани. Сето тоа, комбинирано со одличното прво полувреме на Еспиња на голот, формираше одлична слика за тој дел од играта на „двократниот“. Фактор кој обезбеди убава предност на полувремето.

На другата страна, Пелистер, со 6-0 формација, во која Борзаш е поставен на фундаментална позиција четири (како играч кој повеќе мисли на статистика и никогаш нема да биде корисен) и сериозно „амортизираниот“ Абутовиќ, кој во саботата имаше вистински кошмар, губејќи голем дел од дуелите со противничките играчи, која повторно не беше поддршка на двоецот голмани. Без алтернативна зона, Пелистер, при крајот на натпреварот, како давеник експериментираше со длабоки зони 5-1 и 4-2, кои делуваа како извелчени од ракав, а епилогот беше очекуван. Со тоа битолчани ја продлабочија кризата во најважниот сегмент од ракометната игра. Таму каде се добиваат натпреварите. Од оваа дистанца, по само неколку одиграни натпревари, во ситуација кога ниту Манасков, ниту Борзаш, ниту Тајник, а ниту Пешевски не можат да одиграат зона, дополнитено се наметнува прашањето за важноста од ангажирање на пивот кој може да покрие игра во два правци. Таков за жал, засега не е новата аквизиција Цикатиќ, и тој што го ангажирал треба „кривично“ да одговара.

Што се однесува до нападот на Вардар, главното прашање беше колку може да биде трпелив, со Маргели и Хорига, па од саботата и со Вуко Борозан, како бекови на кои една топка не им е доволна да ги задолови нивните апетити за „трошење топки“ и квантитет на шутеви по голот на противникот. Затоа, од фундаментално значење е позицијата среден бек, позиција која треба да ја поврзи „тешката артилерија“ на Вардар, но и да го „вработи“ Лазаревски на „црта“. Позиција на која Танкоски, иако не одигра лошо од тактички апспект, ќе му треба време да ги земе конците во свои раце. За таа цел, покрај минутажа, ќе мора да покаже и доза дрскост, лидерство и „безобразлук”, како би можел да се наметне на останатите соиграчи. За среќа, во отсуство на непотребниот, во овој тим, Крцманчиќ, убава шанса на среден бек доби Николиќ, лев бек по вокација, играч кој иако доста млад, плени со високо ниво на спортска интелегенција, одлична моторика и прегледност. Николиќ беше факторот Х во нападот на Вардар, играч кој го смени ритамот и го диктираше темпото. Вардар, од саботата во ростерот го има и Вуко Борозан, играч со огромен шутерски потенцијал, играч кој парцијално може да помогне, играч кој треба да се истрпи и да се држи под контрола. Одигра мотивирано и доста трпеливо (за негови услови) и севкупно беше корисен за тимот.

Што да се каже за нападот на Пелистер? Без квалитетно решение на среден бек, со Кузмановски како принудно (или намерно) на таа позиција, кој користејќи ја својата феноменална антроплогија (но и тврдоглавост и упорност), на моменти помогнат од Хосни, буквално играше симултанка, јадеше ќотек, шутираше и кога треба и кога тоа не беше пожелно или потребно, со „затворен“ Пешевски, незаинтересирани Борзаш и Тајник и изгубен Цехте, делуваше анемично и „прочитано“. Битолчани не успеаја, барем не во првиот дел додека се создаваше разликата во полза на противникот, да ја отворат зоната од „надвор“, иако имаше спорадични успешни обиди на Кузмановски, Борзаш или Хосни, и во ситуација кога крилата (читај Манасков и Радивојевиќ) од поставен напад „не го видоа голот“, беше за очекување дека гостинските бекови во обид да пробијат зона, ќе добијат многу „ќотек“ во игра еден на еден.

Да резимираме.

Вардар, мотивиран, одморен и бајаги наострен за борба. Без тразниција и брзи и лесни голови стигна до бројката од 27 погодоци, кои само благодарение на очајниот Пелистер, беа доволни за триумф. Така со други екипи тешко ќе се носи. Очекувано солидна зона, убава ротација и паметно користење на „кадарот“. Еспиња, па и Гогов, иако статистички не блистаа, комбинираа важни одбрани на голот. Нападот има сериозен потенцијал, кој треба да се „заузда“. Многу играчи во ростер, многу „усти“ за хранење и потенцијална бомба во соблекувална. Мало „проветрување“ во декември, со позајмици на неколку млади играчи и испраќање на уште еден двајца дома. За мирна глава. Додека Џомба со 38 години „гризе“ на терен и Војводата на клупа „врие“, ќе има мегдан во „Јане“, а и сите странци ќе знаат каде се дојдени и што се очекува од нив. Основа на Македонци во тимот, тип на играчи кои „платформата“ во Битола не ги изроди, па сега странците ќе се шетаат по терен, ќе проверуваат сметката наБанка и ќе чекаат јуни да дојде. И така до некој друг јуни…

Фото: РК Вардар/Денис Дуковски

п.с „Двократниот“ победи и освои два важни бодови, но не треба да биде задоволен од играта, барем не колку Кралот, кој од трибини, во живо, се увери дека уште оваа година има огромна шанса да ги „насанка“ двата големи спортски брендови и да ја освои титулата.

Да ја врати таму кај што одамна не била.

Авторот е поранешен македонски репрезентативец и основач на проектот Ракомет за секоe дете