Фото: Одбојкарска федерација на Македонија

По едномесечна пауза викендов стартува пролетниот дел од првенството од сезоната 2025/26 во Првата женска лига. Прволигашкото друштво продолжува со вториот дел од регуларниот дел на првенството, односно 10. коло во кое главното внимание ќе биде насочено кон дуелот меѓу дебитантот Газели Волеј, кој како третопласиран на табелата го заврши првиот дел од сезоната, и актуелниот лидер и досега непоразениот тим на Наковски Волеј. Првиот меѓусебен дуел во Струмица финишираше со максимална победа на Наковски. „Газелите“ покажаа дека знаат да ги изненадат фаворитите во првенството, а токму на тоа се надеваат и утрешниот меч, кој се игра во салата „Форца“ во Скопје (19:30 часот), а кој ќе има и директен ТВ пренос на МРТ3.

На почетокот на вториот дел уште се соочуваат Вардар ЕМ – Ускана, Фит Фан Волеј и Младост УГД, како и Струмица жени со Работнички Скопје. Десеттото коло ќе биде затворено в вторник кога актуелниот шампион Јанта Волеј го пречекува Пелистер Волеј.

Екипите кои ќе се пласираат од првото до осмото место на табелата по завршувањето на регуларниот дел од сезоната ќе обезбедат пласман во четвртфиналето на плеј-офот. Деветтопласираниот тим игра бараж со второпласираната екипа од Втора лига жени за задржување на прволигашкиот статус, додека последнопласираната екипа на табелата директно преминува во понизок ранг на натпреварување во следната сезона.

 

ПРВА ЛИГА ЖЕНИ, 10. КОЛО (24.01.2026)

ВАРДАР ЕМ – УСКАНА     13:00ч.

ГАЗЕЛИ ВОЛЕЈ – НАКОВСКИ ВОЛЕЈ    19:30ч. (ТВ)

ФИТ ФАН ВОЛЕЈ – МЛАДОСТ УГД       14:00ч.

СТРУМИЦА ЖЕНИ – РАБОТНИЧКИ СКОПЈЕ  18:00ч.

27.01.2026

ЈАНТА ВОЛЕЈ КВ – ПЕЛИСТЕР ВОЛЕЈ  17:00ч.