На 1 јуни 2025 година (недела), на отвореното игралиште т.н. Дупка, во рамки на Спортскиот центар „Марко Божиновски“ во Ново Лисиче, ќе се одржи финалниот турнир во мини-ракомет – Јуниор Куп, како дел од проектот „Ракомет за секое дете“.

На турнирот ќе учествуваат над 280 деца, момчиња и девојчиња на возраст од 6 до 12 години, организирани во 27 екипи. Предвидено е да се одиграат вкупно 27 натпревари, а како и секоја година, секое дете учесник ќе добие сертификат за практична обука по ракомет и учество на „Јуниор Куп“ турнирите.

Освен спортскиот аспект, каде младите ракометари ќе имаат можност да ги покажат своите спортски вештини, тимски дух и љубовта кон ракометот, овој турнир носи и силна хуманитарна порака. Средствата собрани за време на настанот ќе бидат наменети за поддршка на семејствата на настраданите членови на бендот ДНК, кои трагично го загубија животот или се тешко повредени во неодамнешниот настан во Кочани.

Организаторите на проектот „Ракомет за секое дете“, во соработка со своите партнери, поддржувачи и пријатели, упатуваат јавна покана до сите љубители на спортот, институции, компании и граѓани – да дадат свој придонес преку присуство, донација и споделување на хуманата мисија.

Покрај ракометните натпревари, посетителите ќе можат да се послужат со кафе, вода, чоколадно млеко, сендвичи, да набават маичка со логото „Со ❤️ за ДНК“ и да донираат. Сите средства ќе бидат распределени преку Фондацијата „Марко Божиновски“, онаму каде што се најпотребни – до семејствата на трагично настраданите.

Бендот ДНК беше синоним за музика, професионализам и хуманост, кој низ годините помагаше на бројни поединци и семејства во нужда. Сега е ред ние да бидеме тука за нив.

Придружете ни се на 1 јуни од 10 до 16 часот, во С.Ц. „Марко Божиновски“ – Ново Лисиче.