Повеќе од половината земји – членки на УЕФА се подготвени да поддржат реизбор на актуелниот претседател Александар Чеферин на следните избори во 2027 година – објави лондонски „Индипендент“.
Според весникот, 35 национални асоцијации се подготвени да ја поддржат кандидатурата на Словенецот на претстојните избори, доколку тој одлучи да се кандидира за нов мандат.
Чеферин (56) беше избран за претседател на УЕФА во 2016 година, а подоцна двапати беше реизбран. Мандатот му истекува во 2027 година.
Во февруари, Чеферин рече дека не планира да се кандидира за реизбор во 2027 година.
Сепак, УЕФА на февруарскиот Конгрес усвои амандмани со кои на Чеферин му се дозволува да отслужи четврти мандат. Бројот на претседателски мандати е ограничен на три.
По промените направени во статутот на УЕФА, првиот мандат на Чеферин – од 2016 до 2019 година – повеќе не се смета за комплетен, со што првиот човек на европскиот фудбал има право да учествува на изборите во 2027 година.