Фото: Приватна архива
 ТАЕКВОНДО – Г2 ТУРНИР „ФУЏАРИЈА ОПЕН“

Најдобрата македонска таеквондистка и олимпијка, Милијана Рељиќ настапи на Г2 турнирот „Фуџарија Опен“ во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), каде предводена од тренерот Стефан Миленковски, го освои одличното трето место и бронзениот медал, што е нов голем успех.

Во првото коло Рељиќ (тежинска категорија до 62 кг) поради добриот ранкинг беше слободна. Во второто коло, таа ја совлада Ју Јеук Чан од Хонг Конг со 2-0 во рунди. Во борбата за бронзениот медал македонската таеквондистка ја победи олимпијката од Мароко, Нада Ларај, исто така, со 2-0 во рунди. Со оваа победа Рељиќ уште еднаш ја докажа својата светска и олимписка класа и дека може да победи која било противничка во светот.

– Во полуфиналето нејзина ривалка беше Иранката Косар Асасех, но по само 10 секунди борба, Рељиќ повторно истегна мускул на десната нога и поради повреда мораше да ја предаде борбата. Овој нов успех и освоен медал, на Рељиќ и` донесе нови 7,2 поени за олимписката и за светска ранкинг-листа, а воедно претставува и нејзин фуриозен почеток на сезоната на еден од најсилните турнири во Азија – вели нејзиниот тренер од ТК Тигри, Александар Ефтимов.

Г.И.