Најдобриот македонски кајакар Љубомир Спасиќ со настапот на финалниот натпревар во Чешке Будејовице (Чешка), во рамките на Европскиот куп (ЕК) во спуст на диви води, во дисциплината спринт, го потврди првото место во генералниот пласман за 2019 година во конкуренција на над 200 кајакари од 17 земји со освоените 333 бода. Сезонава Спасиќ учествуваше на шесте натпревари во рамките на ЕК, во Скопје, на Треска (шесто место), во Словенија (седмо место), Германија (седмо место), во Шпанија (24-то место), во Италија (деветто место) и во Чешка (27-мо место).
Во наредниот период, во септември годинава, Спасиќ ќе настапи и на Светското првенство (СП) што ќе се одржи во Шпанија (Ла Сеу, Дуржел).
– Во добра форма сум, очекувам пласман во финалето, со што би останал во конкуренција за освојување медал – ни изјави Спасиќ од Прага.
Сезонава во ЕК настапи и вториот македонски кајакар, Александар Златаров, кој го освои четвртото место во генералниот пласман, со 292 бода.