Организаторите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020 година во Токио, ги намалија вкупните трошоци за 4,3 милијарди долари, но најавуваат дека ќе има нови заштеди во следните две години. На состанокот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) во Буенос Аирес, извршниот директор на ЛОИ 2020, Тоширо Муто најави дека се прават напори за понатамошно намалување на буџетот преку серија иницијативи поврзани со проектите на „Агендата 2020“ на ИОК и новите реформски процеси.
Два проекта на ИОК имаат цел намалување на трошоците за Игрите во 2020-та за во иднина Игрите да станат атрактивни за потенцијалните градови-домаќини.
– Успеавме со низа мерки да заштедиме 2,1 милијарди долари и во моментов вкупните заштеди изнесуваат 4,3 милијарди долари. „Агендата 2020“ и новата норма (мерки за намалување на трошоците – н.з.) на ИОК ќе му овозможат на Токио 2020 да ги избегне идните потенцијални зголемувања на буџетот – изјави Муто.
Трошоците за ЛОИ 2020 опасно се закануваа да излезат надвор од контрола пред неколку години откако на Јапонија ѝ беше доделена организацијата во 2013-та. Ескалирачките трошоци ги обесхрабрија другите градови, како Рим, Хамбург и Будимпешта, кои се повлекоа од трката за домаќин на ЛОИ 2024.
Вкупниот буџет на Токио, по неколкуте ревизии, изнесува 12,6 милијарди долари, од кои 5,6 милијарди долари се на Организацискиот комитет (ОК). ИОК помага со околу 1,7 милијарда долари во готовина и со други услуги на ОК. Муто рече дека заштедите се прават со одржување пократки тестирања, со намалување на периодите на закуп, како и со трошоците за изградба на објектите. ИОК ги поздрави заштедите, велејќи дека треба да се направи повеќе за да се осигури дека буџетот за Игрите ќе биде избалансиран па дури и профитабилен за организаторите.
– Сигурен сум дека ќе продолжите со штедењето до крајот на церемонијата на затворањето на Игрите – истакна Џон Коутс, кој ја предводи координативната комисија на ИОК за Токио.
Муто рече дека повеќето од тест-настаните за Игрите веќе биле испланирани, односно оти останува да се дефинира само датумот за тест-натпреварите во пливање. Завршувањето на „Акватик олимпискиот центар“ каде што ќе се одржуваат пливачките и другите водни натпревари, беше одолжено за два месеца, но организаторите велат дека ќе биде готов навреме за Игрите во јули 2020 година.