Јапонецот Роју Кобајаши е на добар пат да триумфира во 67-то издание на новогодишната турнеја „Четири скокалници“ во скијачки скокови. Младиот, 22- годишен Кобајаши победи на првите два натпревара во Германија, на скокалниците во Оберсдорф и во Гармиш-Партенкирхен, и води во генералниот пласман со 266,6 бода, 2,3 повеќе од Германецот Маркус Ајзенбихлер (264,7) кој беше второпласиран на двете скокалници. Овие двајца скијачи ќе се борат за победничкиот пехар, бидејќи третопласираниот, Полјакот Давид Кубацки, има голем бодовен минус, 256,2 поени.
Кобајаши има шанса да биде првиот јапонски скијач победник на „Четирите скокалници“, по пауза од 21 година и триумфот на Казујоши Фунаки, во 1997/1998. Со евентуален подвиг, каков што е триумф на сите четири натпревари во една сезона или своевиден гран слем, Кобајаши ќе им се придружи на Германецот Свен Ханавалд (2001/2002) и на Полјакот Камил Шхох (2017/2018), кои се единствените што досега победувале на четирите скокалници.
Кобајаши, кој има одлична сезона, веќе забележа шест победи и води во генералниот пласман во Светскиот куп со 756 бода. На втората и на третата позиција се Полјаците, Пјотр Зила, и победникот на „Четирите скокалници“ во минатите две сезони, Камил Штох, со 509, односно 437 поени.
По Германија, најдобрите светски скијачи скокачи се селат во Австрија. Следниот, трет натпревар на новогодишната турнеја е во утре во Инсбрук, а последниот, четврти, в недела во Бишофсхофен.