Берат Јакупи

Јакупи во категорија до 84 килограми го освои златниот медал по победата во финалето над каратистот од Франција Жеси да Коста

Македонија го освои првиот златен медал на Медитеранските игри во Тарагона. По вчерашниот успешен ден на каратистите кога Ненад Келебиќ стигна до бронзата, вчера Берат Јакупи го заокружи успешниот настап на нашата карате-селекција со освојување на златниот медал.
Јакупи во категоријата до 84 килограми имаше трнлив пат до триумфот и до освојувањето на медитеранската титула. Тој во едно динамично претпладне одеше од противник до противник и, некого потешко, некого полесно го совладуваше. Почетокот беше најава дека нашиот репрезентативец е психолошки и физички подготвен за она што го очекува. Почетокот беше означен со победа, со судиска одлука откако мечот со Јакуповиќ од БиХ заврши 1-1. Ова беше охрабрувачко за нашиот каратист, кој и во вториот дуел со Реис од Португалија победи со судиска одлука, откако и овде во регуларниот тек борбата заврши 1-1. Во третото коло Јакупи беше најубедлив и славеше со 3-0 во дуелот со Мартина од Италија. На патот до финалето имаше уште една пречка, која успешно ја помина. Тој го совлада Цвркота од Србија, инаку негов стар познајник од татамите, со 2-1.
Финалето со Жеси да Коста од Франција донесе големо возбудување. Нашиот каратист кон крајот на првата минута зададе удар и го освои првиот поен. Во втората минута Французинот пласираше, се чини не докрај изразен удар, по прегледување на снимката судиите му доделија поен. Така дојде до израмнување, но и до преземање на иницијативата на Да Коста. Тој беше следниот што поентираше и поведе со 2-1, за драмата да достигне кулминација во самата завршница, кога на четири секунди пред крајот Јакупи пласира прецизен удар за израмнување на 2-2. Потоа, со судиска одлука победата му беше доделена на нашиот репрезентативец, кој со овој триумф стана првиот наш носител на златен медал од МИ.

– Ова е прекрасен ден за мене. Ќе ја паметам Тарагона и овој триумф со кој станав медитерански првак. Сега можам да се опуштам и да уживам во убавините на овој каталонски град – изјави Јакупи.
И секундантот на Јакупи, искусниот Бошко Заборски не го криеше задоволството.
– Се бореше како искусен ас. Знаеше што сака и не се впушташе во непотребни авантури во текот на борбата. Неговата концентрација беше максимална што се покажа и во финишот од борбата, кога на четири секунди до крајот го освои поенот за израмнување и за конечната победа – рече Заборски.
Жарко Арсовски, како вчера Келебиќ, го освои бронзениот медал во категоријата над 84 килограми. Ова беше убаво заокружување на настапите на нашите каратисти на МИ во Тарагона. Во борбата за бронзениот медал Арсовски го совлада Италијанецот Симоне. Мечот заврши 2-2, но Арсовски со прв освоен поен стана победник и носител на бронзениот медал.
Бронзениот медал на Келебиќ е прв медал во карате за Македонија воопшто на МИ. Келебиќ до овој успех дојде по три тешки борби. Во првиот настап оствари победа со 9-7 над египетскиот шампион Ајуб Закариа. Ова беше еден од ретките мечеви, со толку многу поени во првото коло, што говори колку борбата беше жестока. Во вториот настап загуби минимално со 3-4 од Турчинот Ујгур. По овој меч, кога веќе ги загуби шансите да се бори за првото место, во борба за бронзениот медал, како што велат спортистите Келебиќ го „остави“ срцето на татамите. Во дуелот со Португалецот Жоаким Мендеш даде сѐ од себе и стигна до 2-2. На крајот со судиска одлука нему му беше доделена победата. Така, тој стана првиот македонски каратист со медал на Медитеранот, а и прв освојувач на медал од македонската експедиција во Тарагона.
Европскиот првак Емил Павлов (до 60 кг), по двете победи над Арифи од Косово со 3-0 и над Јоан Лопез од Франција со 1-0, доживеа два пораза од Амекнаси од Мароко со 1-2 и од Самдај од Турција со 1-3, па го освои петтото место. Во првиот карате-ден настапија и три наши претставнички. Симона Заборска (55 кг) и Ангела Мојсовска забележаа по една победа и еден пораз, додека Наташа Стефановска по поразот од Аделина Рама брзо беше елиминирана. Заборска забележа победа над Сара Кардин од Италија со 3-0, а загуби од Туба Јакан од Турција со 1-2. Мојсовска извојува победа над Фернандез од Андора со 8-0, а загуби од Мохамед од Египет со 3-7.
Вчера на стрелиштето се појави и олимпијката Нина Балабан, која имаше солидна стрелба со воздушна пушка од 10 метри, но не успеа да се пласира во финалето. Во конкуренција на 24 натпреварувачки таа заврши на 12-то место со 617,6 поени. Балабан беше единствената наша учесничка во стрелачките натпревари на Игрите во Тарагона. Во квалификациите најуспешна беше Италијанката Цивиани со 627 поени.


Ракометарките тргнаа со победа

Во екипните спортови радост ни донесоа само ракометарките. Тие на почетокот, во својата група, во еден интересен натпревар ја победија Турција со 31-26 (16-15). Вчера ракометарките беа слободни, а вечерва играат со Србија. Во групата е уште и Црна Гора. Машката селекција не успеа да ја совлада турската селекција и загуби со 26-29 (13-15). Следен противник ќе биде Египет (синоќа), а денеска последниот настап во групата ќе биде со Србија.
Одбојкарите продолжуваат со црната серија. По двата пораза од Летонија и од Хрватска, на фајналфор-турнирот од сребрената Европска лига во Скопје, и овде во Тарагона доживеаја два пораза, од Египет со 2-3, во крајно драматичен натпревар, а потоа и од Шпанија со 0-3. Одбојкарите ги завршија настапите на последното место во групата, што значи на крајот ќе бидат пласирани од 7-та до 9-та позиција.


На познат терен

Спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски, кој е водач на нашата експедиција на Медитеранските игри, овде е како дома. Тој е на добро познат терен, бидејќи овде во последните две години од минатиот век, беше тренер на одбојкарите на Тарагона. Со оваа екипа тој успеа да влезе и да се одржи во Првата шпанска лига, па она што го направи за одбојката во овој град домаќините не му го забораваат. Богоевски овде е добредојден, што се забележува и од односот на спортските работници од Тарагона, кои на секој чекор настојуваат да му излезат пресрет.
– Минатото не се заборава, навистина овде минав убави години во мојата тренерска кариера – вели Богоевски.