Српскиот тениски ас, Новак Ѓоковиќ е загрижен за случувањата во Австралија поради големите пожари. Тој моментно е во Бризбејн, со репрезентацијата на Србија на АТП купот.
По првиот меч од првото коло против Јужна Африка Ѓоковиќ беше запрашан за ситуацијата во Австралија и како тоа ќе се однесува на претстојниот Австралија Опен.
– Мора да се земат сите можности во предвид поради екстремните услови. Мислам дека организаторите ќе сторат се за да нема одложување, но ако ситуацијата се сведе на тоа условите да влијаат на здравјето на играчите, мислам дека ќе се разгледа можноста за одложување на турнирот – рече Ѓоковиќ.
Огнената стихија на југоистокот на Австралија неколку недели неконтролирано се шири, а досега 23 лица го загубиле животот.
Квалитетот на воздухот во Мелбурн, каде се игра првиот годинешен грен-слем е многу лош, а дел од зградите морало да бидат затворени затоа што димот влегол во вентилациониот систем.
– Одлуката за одложување би била тешка за организаторите, Австралија Опен секогаш почнува во одредено време. Вклучени се многу работи, но грижата за здравјето на играчите е најважна – смета Ѓоковиќ.
Австралија Опен на програмата е од 20 јануари до 2 февруари, а во тој период се очекува температурата да е околу 40 степени Целзиусови.
Титулата од минатата година ја брани токму Новак Ѓоковиќ, а наградниот фонд годинава ќе изнесува рекордни 71 милион австралиски долари.