Алкалоид со победничкиот пехар во 2016 година

Европскиот шампион од 2016-та и вицепрвак од лани, ШК Алкалоид, е рангиран како прв (просечен рејтинг 2.741 поени) пред претстојниот 34. Европски клупски куп, а вториот македонски претставник Гамбит Асеко СЕЕ е рангиран на 28-то место, во конкуренција на 61 екипа

Европскиот шаховски првак од 2016 и вицепрвак од 2017 година, скопски Алкалоид, е рангиран како прв (просечен рејтинг 2.741 поени) пред претстојниот 34. Европски клупски куп (ЕКК), кој од денеска до 18 октомври ќе се одржи во Порто Карас, Грција, во седум кола. Вториот македонски претставник Гамбит Асеко СЕЕ (кој на ланскиот ЕКК во Турција беше 19-ти) е рангиран на 28-то место (2.363).
– Освоените прво и второ место не само што нѐ прават амбициозни туку ни создаваат и обврска и годинава да се бориме за првото место, бидејќи сме и први фаворити според рејтингот. Се надевам дека медалот нема да биде доведен во прашање, иако пласманот ќе зависи и од ждрепката, среќата, но и добрата игра во последните две решавачки кола.

Спонзорот и управата на клубот веќе трета година по ред не го менуваат играчкиот состав, и со право, бидејќи имаме кинески шахисти што играјќи на првата и на втората табла ѝ донесоа злато на Кина на Шаховската олимпијада во Батуми. Потоа тука се двајца шахисти што настапија на втората и на третата табла за Украина на ШО, а и годинашниот шампион на Русија, Дмитриј Андрејкин, кој во дополнителниот меч со забрзано темпо го победи Дмитри Јаковенко, кој, пак, е исто така наш член. Рејтинг-разликата помеѓу првите три екипи е мошне мала, а не верувам дека норвешка Валеренга, за која игра и светскиот првак Магнус Карлсен, ќе успее да биде прва, со оглед на нивната големата рејтинг-разлика од првата до шестата табла – вели ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, капитенот на Алкалоид.

Во машка конкуренција ќе настапат 61 екипа од 47 држави (ќе играат 107 ВМ, 2 ЖВМ, 82 ИМ, 3 ЖИМ, 75 ФМ, 1 ЖФМ). Поединечно рангиран прв е светскиот првак, Карлсен (рејтинг 2.839), а ВМ Лирен Динг (2.804) од Алкалоид е рангиран четврти.

– Амбициите на нашиот клуб се да бидеме меѓу првите 20 екипи, да се прикажеме во светло издание, со надеж дека некои од играчите ќе освојат и шаховски норми. Настапуваме со докажани шахисти, кои во иднина ќе бидат заменети со помлади таленти, како што се Емил Ристески, Андреј Велјаноски и други, токму она во кое клубот и најмногу вложува, а тоа е младинскиот шах – вели искусниот ИМ Зоран Стојчевски.

Во женска конкуренција на 23. ЕКК ќе настапат 14 екипи од 12 држави, со 54 шахистки (10 ВМ, 7 ЖВМ, 16 ИМ, 6 ЖИМ, 1 ФМ, 8 ЖФМ). Прворангирана екипа е ланскиот првак Нона од Грузија, а прва шахистка е Украинката Ана Музичук (2.555), која игра за Серкл од Монако. За разлика од 2015 година, кога женската екипа на Гамбит Асеко СЕЕ од Скопје го освои среброто, овој пат Македонија нема свој претставник во оваа конкуренција. 


Светскиот првак Карлсен ќе игра за Валеренга

На Европскиот клупски куп (ЕКК) ќе настапи и актуелниот светски првак и шахист со моментално највисок рејтинг (2.839), Норвежанецот Магнус Карлсен (27), кој ќе ги брани боите на норвешката екипа Валеренга. Тоа наедно ќе биде и последна негова проверка пред дуелот за светски првак со Американецот Фабијано Kаруана (26), кој треба да почне на 9 ноември во Лондон. На ЕЕК нема да настапи предизвикувачот Каруана, кој, пак, беше дел од неодамна завршената Шаховска олимпијада во Грузија.