Американката Шифрин е подобра од Швеѓанецот Стенмарк и од Американката Вон на истата возраст (23) според бројот на победи во Светскиот куп, а предност на Шифрин може да биде и тоа што е најсестрана

Американката Линдзи Вон (34) најави дека сезонава ќе се обиде да го собори рекордот на Швеѓанецот Ингемар Стенмарк (62) според бројот на победи во Светскиот куп (СК) во алпско скијање, но Американката Микаела Шифрин (23) може да биде идната владетелка во оваа категорија.
Стенмарк од 1975 до 1989 година забележа 86 победи, а Вон од 2001 година има 82 триумфа. Шифрин викендов победи во слаломот во САД, со што ја забележа веќе својата трета победа сезонава, а вкупно 47-та во кариерата во СК, со што е меѓу десетте најуспешни скијачи.

Во споредба со двајцата великани на скијањето, Шифрин на истата возраст има повеќе победи, оти Стенмарк тогаш имал 41, Вон четири, а Шифрин имаше 43 по минатата сезона, кога наполни 23 години. Во просек, Шифрин досега оствари седум победи по сезона, а првата ја забележа на 17 години. Стенмарк до 23-та година имаше по осум триумфи во сезона, а првата на 18 години. Вон првпат славела по наполнети 20 години, а нејзиниот вкупен просек е 4,5 победи по сезона.

Предност на Шифрин во трката по рекордот на Стенмарк може да биде и тоа што е најсестрана. Швеѓанецот победуваше само во слалом и во велеслалом, а Вон главно во спуст и во супервелеслалом (има вкупно 11 во слалом, велеслалом и во комбинација).

Шифрин, која е прва меѓу скијачите (и мажи и жени) со победи во сите шест дисциплини (слалом, паралелслалом, велеслалом, супервелеслалом, спуст и комбинација) е специјалистка за техничките дисциплини (има 34 победи во слалом), лани оствари вкупно 12, а една сезона пред тоа 11 победи во СК. Со такво темпо таа може веќе сезонава да се искачи до петтото место на листата и да стане само осмиот скијач во двете конкуренции (четврта меѓу жените) со 50 или повеќе триумфи во најсилното скијачко натпреварување.


Шифрин прва што победува во сите шест дисциплини

Двојната олимписка шампионка во слалом и во велеслалом, Американката Микаела Шифрин (23), ја забележи првата победа во супервелеслалом во кариерата во Светскиот куп (СК), на трката во Лејк Луис, Канада. Со тоа таа сега има 47 триумфи во Светскиот куп, но е првата скијачка што победила во сите шест дисциплини – слалом, паралелслалом, велеслалом, супервелеслалом, спуст и во комбинација. Ваков успех нема ниту еден скијач. Претходно, во шест дисциплини (без паралелслалом), во женска конкуренција победуваа Американката Линдзи Вон, Швеѓанките Ања Парсон и Пернила Вибер, Австријката Петра Кронбергер, Хрватката Јаница Костелиќ и Словенката Тина Мазе.
„Главна“ дисциплина на Шифрин е слаломот, во кој има 34 триумфи во СК (рекордерка со 35 победи е Австријката Марлис Шилд). Таа има и пет мали „златни глобуси“ во слалом и два големи „златни глобуса“ во минатите две сезони за вкупен триумф во СК. Таа е и најмладата олимписка шампионка во слалом, на 18-годишна возраст, во Сочи 2014-та. Л.Д.