Американката Микаела Шифрин го освои второто место на ноќниот слалом во Флакау, Австрија, и не успеа да слави на осмата трка во низа во Светскиот куп, па не се израмни со рекордерките, Швајцарката Френи Шнајдер од 1989 година и Хрватката Јаница Костелиќ од 2001 година. Шифрин ја пропушти шансата да биде и третата жена (по Шнајдер и Костелиќ) што победува на првите шест слаломски трки во сезоната.
Шифрин, која победи на сите слаломски трки од Зимските олимписки игри (ЗОИ) лани во Пјонгчанг досега, вторпат не успеа да стигне до рекордните осум победи по ред. Претходно тоа ѝ се случи кога по повредата на коленото победи на седумте трки во календарската 2016 година, но киксна на првата трка во 2017-та.
На патот до рекордот на Шифрин ѝ застана Петра Влхова од Словачка, за која ова беше петта слаломска победа во кариерата, со што ја надмина сонародничката Вероника Велез Жужулова, која победуваше четири пати. Влхова беше втора, зад Шифрин, на последните пет слаломи сезонава, а за заслужениот триумф (беше побрза само за 15 стотинки) доби 70.000 евра, што е најголема награда во женска конкуренција во Светскиот куп, помалку за само 4.000 евра од сумата што ќе ја добие победникот во машкиот спуст на легендарната, тешка и опасна патека во Кицбил, Австрија, што ќе се вози на 26 јануари.