Од состанокот на ЕЦУ во Скопје

Организацијата на ЕКК ја добивме со акламација, што е само уште една потврда дека
Македонија отсекогаш била одличен домаќин на големи шаховски манифестации,
вели Благоја Богоевски, претседателот на ШФМ

Македонија ќе биде домаќин на Европскиот клупски куп во шах (ЕКК) за мажи во 2021 година. Ова е најновата вест што пристигна од Европската шаховска унија (ЕЦУ), и тоа по состанокот на управниот одбор (УО) и нејзините делегати, кој се одржа за време на Европското поединечно првенство (ЕП) што се игра во Скопје.
– Организацијата за домаќини на ЕКК ја добивме со акламација, што претставува само уште една потврда дека Македонија отсекогаш била одличен домаќин на големи шаховски манифестации, почнувајќи од Шаховската олимпијада во Скопје во 1972 година, па до ова ЕП, за кое, пак, ЕЦУ има само пофални зборови околу неговата организација и тек.

Уште повеќе радува фактот што организација на многу помали шаховски манифестации многу попознати европски градови не успеваат да ја добијат, а ние без никаков проблем стигнавме до нов шаховски спектакл во Македонија. Точната локација каде ќе се одржи ЕКК подоцна ќе биде одредена. Македонија требаше да биде домаќин на Европското екипно првенство за мажи во 2021 година, но тоа отпадна и е заменето со ЕКК, што е многу подобра варијанта, оти на ЕКК играат многу шахисти од светскиот врв – вели Благоја Богоевски, претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ).

Ова е третпат Македонија да ја добива организацијата на престижниот ЕКК (натпреварување како што е на пример Лигата на шампиони во фудбал). Првиот пат беше одржан во Охрид, пред 10 години, а вториот пат во Скопје, во 2015 година.
Израелецот Максим Родштејн (рејтинг 2.673), Полјакот Качер Пиорун (2.631), Швеѓанецот Нилс Гранделиус (2.694) и Русите Владислав Артемиев (2.736) и Андреј Есипенко (2.603), водат со по 6,5 поени на три кола до крајот на ЕП во Скопје. Во ова коло македонските шахисти (24) освоија вкупно 12,5 поени, што е најмногу за нив досега во едно коло, а најуспешни се ВМ Кирил Георгиев (2.595) и Александар Чоловиќ (2.449), кои со по 4,5 поени се на 154-то, односно 158-то место. 


Најголеми шаховски манифестации во Македонија
ГОД. НАСТАН
1972 Шаховска олимпијада, Скопје
2001 Поединечно ЕП, Охрид
2009 Европски клупски куп, Охрид
2015 Европски клупски куп, Скопје
2018 СП во проблемски шах, Охрид
2018 ЕП во забрзан и брз шах, Скопје
2019 Поединечно ЕП, Скопје
2021 Европски клупски куп, ?