Една од главните промени е ограничувањето на буџетот на 175 милиони долари, а ова е направено за, како што вели Рос Браун, да победи тимот што најдобро ќе ги искористи парите, а не тимот што има најмногу пари
Формула 1 (Ф1) влегува во нова ера. Во пресрет на утрешната трка за големата награда (ГН) на САД во Остин, Тексас, челниците на Ф1 ги обелоденија плановите за „револуционизирање“ на овој спорт во 2021 година. Воведувањето на новите технички, спортски и финансиски правила има цел трките да станат многу поинтересни и подраматични.
Една од главните промени е ограничувањето на буџетот на 175 милиони долари. Ова е направено за, како што вели спортскиот директор на Ф1, Рос Браун, да победи тимот што најдобро ќе ги искористи парите, а не тимот што има најмногу пари. Но има и некои работи што излегуваат од предвидениот буџет, како што се платите на возачите или трошоците за маркетинг. Минималната тежина на болидите, заедно со пилотите, е зголемена од 743 на 768 кг. Од 2021-та, се планира и употреба на еколошки горива, а ќе има промени и на менувачите. Нивниот развој би требало да се замрзне, со можност поголеми промени да следуваат по пет години.
Целта е да се намалат и трошоците за изработка на моторите, што би требало да се постигне со стандардизација на некои делови, како и со ограничување на употребата на некои материјали. Моторите ќе бидат потешки, болидите поробусни, а драстично ќе биде намален процентот на кршливите делови. Ќе биде намален и процентот на аеродинамичкиот потисок што го губи болидот кога се движи зад друг болид. Сега болидот што се движи зад друг болид има околу 50 отсто потисок, кој треба да се зголеми на 80 отсто. Ова би требало да овозможи полесно претекнување, со тоа и повеќе возбудувања на трките.
Тркачкиот викенд ќе трае три дена. Програмата од четвртоците ќе се помести за петок, но нема да влијае на бројот на извозените кругови. Ќе се воведе и обврска секое возило задолжително да помине технички преглед. Нема да бидат дозволени какви било промени на болидот во последен момент, но ќе биде дозволено во петоците да се тестираат некои компоненти.
Претседателот на Интернационалната автомобилска федерација (ФИА), Жан Тод, рече дека правилата биле едногласно одобрени од Светскиот совет, законодавното тело на Ф1.
– Ова е посебен ден за нашиот спорт. Целта е да имаме поизрамнето првенство и повеќе непредвидливи трки – рече Тод.
НЕКОИ ПРЕДЛОЖЕНИ ИЗМЕНИ ЗА ОД 2021 Г.
– ограничување на буџетот на 175 милиони долари
– минималната тежина на болидите се зголемува на 768 кг
– употреба на еколошки горива
– промени на менувачите
– потешки мотори, поробусни болиди
– тркачкиот викенд ќе трае три дена
– обврска за задолжителен технички преглед
– стандардизација на некои делови
– ограничување на употребата на некои материјали
– намален процент на аеродинамичкиот потисок
– забрана за промени на болидот во последен момент