ТЕНИС

Швајцарецот поради повреда на коленото е надвор од терените од полуфиналето на гранслем-турнирот во Мелбурн во јануари годинава

Светскиот тенисер број четири, Швајцарецот Роже Федерер ќе го пропушти првиот гранслем-турнир во 2021 година, Австралија опен и почетокот на сезоната, потврди неговиот менаџер Тони Годсик. Плановите беа Федерер да игра во Мелбурн во почетокот на сезоната, но мораше да го одложи своето враќање на терените, бидејќи не е доволно подготвен.

– Роже одлучи да не игра на Австралија опен во 2021 година. Тој направи голем напредок во последните месеци во однос на рехабилитацијата на коленото и физичката подготвеност. Но сепак, по консултацијата со тимот, тој одлучи дека најдобро за него на долг рок е да се врати на натпреварувачкиот тенис по Австралија опен – напиша Годсик во писмената изјава за „Асошиејтед прес“.

Швајцарецот е надвор од терените од полуфиналето на гранслем-турнирот во Мелбурн во јануари годинава, кога загуби од Новак Ѓоковиќ. Федерер во досегашната кариера шест пати го освои трофејот во Мелбурн. Според новиот систем на бодување, Федерер нема да ги загуби освоените бодови од пласманот во ланското полуфинале.

Со неиграњето на Австралија опен во 2021 година Швајцарецот прекинува неверојатна низа од 21 последователен настап на австралискиот гранслем-турнир, па сега Вимблдон е единствениот таков турнир што не го пропуштил во кариерата.