Зоран Гавриловски

Во секцијата А, каде што учествуваа 32 автори од 17 земји со 55 помошни мата во два потега првото место го освои македонскиот ВМ на шаховската композиција Зоран Гавриловски

Во рамките на 61-от Светски конгрес на шаховската композиција (СКШК) во Охрид се одржаа и официјални и неофицијални турнири во решавање и составување шаховски композиции. Официјалниот Интернет-турнир во компонирање за 61-от СКШК (за кој проблемите се праќаа по е-пошта до 30 јуни 2018 година), беше распишан за оригинални помошни матови (проблеми во кои црниот му „помага“ на белиот да го матира црниот крал). Во секцијата А учествуваа 32 автори од 17 земји со 55 помошни мата во два потега. Меѓународниот судија на ФИДЕ за помошни матови Никола Столев му ја додели првата награда на ВМ на шаховската композиција Зоран Гавриловски од Македонија, а директорот на СКШК, Зоран Стојчевски, му врачи златен медал, пехар и сертификат.
Во секцијата Б на интернет-турнирот учествуваа 25 автори од 14 земји со 40 помошни мата во повеќе потези. Судија беше експертот за повеќепотезни помошни матови Златко Михајлоски, а Петре Стојоски од Македонија освои пофалба за својот помошен мат во пет потези.

Резултатите од неофицијалните турнири во компонирање на 61-от СКШК (за кои проблемите или студиите се праќаа по е-пошта до крајот на август или им се предаваа на судиите на тие турнири во Охрид на почетокот на септември), беа прогласени на церемонија во петокот. Гавриловски освои уште четири награди на три неофицијални турнири во составување шаховски композиции, на кои по традиција се доделуваат национални пијалаци.

На турнирот „Шампањ“ за ретропроблеми, македонскиот мајстор Иван Денковски ја освои 2-та награда за своја оригинална доказна партија (треба да се дојде до почетната позиција на шаховската табла во што помал број потези).
На натпреварувачки план, репрезентацијата на Полска во конкуренција на 19 држави го одбрани златниот медал, пред Русија и Англија на екипното СП во решавање шаховски проблеми. Индивидуално, пак, нов светски првак стана Полјакот Пјотр Мурџа, пред својот сонародник Каспер Пиорун и Словакот Томаш Пеитл. Македонија екипно го освои 18-то место, а поединечно најдобар македонски решавач беше Зоран Стојчевски, кој меѓу 83 решавачи го освои 72-то место.

Главен судија на СП во решавање беше истакнатиот македонски композитор, решавач и судија на проблемскиот шах, Иван Денковски. Присуствуваа околу 190 гости од над 30 држави. За федерацијата, годинава беше изборна, а досегашниот претседател, Гркот Хари Фујаксис, кој ја водеше федерацијата минатите осум години, доби нов четиригодишен мандат. 


Стојчевски: Покажавме дека сме добри домаќини

Охрид и Македонија се покажаа како добри домаќини на Конгресот и СП во проблемски шах, за што добивме само пофални зборови од државите-учеснички, со желба повторно да дојдат во Македонија. Она што радува е фактот што Македонија по подолго време беше дел од екипното и од поединечното СП во решавање шаховски проблеми со еден комбиниран состав, што влева надеж во иднина за многу подобри резултати. Исто така и неколку македонски проблемисти беа наградени на интернет-турнирот, а распишан по повод 61-от Светскиот конгрес на шаховската композиција, рече Зоран Стојчевски, директорот на 61-от Светски конгрес.