Во минатите пет години Тениската асоцијација на САД (УСТА) потрошила 600 милиони долари за трансформацијата на тенискиот центар „Били Џин Кинг“, од кои 150 милиони долари биле дадени за покривот на стадионот „Артур Еш“

Годинашниот јубилеен 50-ти тениски гранслем-турнир Отвореното првенство (ОП) на САД во Њујорк (од 27 август до 7 септември), според пресметките на финансиските аналитичари, ќе донесе заработка од над 350 милиони долари, што е повеќе од Австралија опен во Мелбурн (320 милиони), вториот турнир според заработката.
Во минатите пет години Тениската асоцијација на САД (УСТА) потроши 600 милиони долари за трансформацијата на тенискиот центар „Били Џин Кинг“, подобрувајќи околу 85 отсто од терените. Стариот стадион „Луј Армстронг“ и Централниот терен беа подновени и проширени по што сега можат да примат дополнителни 10.000 навивачи дневно.

Меѓу позначајните подобрувања беше покривот вреден 150 милиони долари над стадионот „Артур Еш“. Неколку години едноподруго, од 2008 до 2012, неделниот финален меч во машка конкуренција поради дождот беше одложуван за понеделник, што не им се допаѓаше на телевизиските компании. Трансформацијата на центарот исто така ѝ дозволи на УСТА да отвори нов двојно поголем простор за ВИП-гости наречен „Клуб 1968“ (именуван по првата година кога на турнирот настапија професионалци), но и за љубителите на тенисот и туристите, кои таму ќе можат да купуваат освежителни пијалаци, сендвичи, сувенири и друго.

Инвестицијата вредна 600 милиони долари веќе почна да се исплатува. Во 2017 година од продажбата на билети и од ТВ-правата беа инкасирани по 120 милиони долари, плус 65 милиони од спонзорски договори и 30 милиони долари од концесии.

Годинава приходите од билетите ќе останат исти, но од продажбата на билети се очекува приход од 130 милиони, од спонзорите 70 и 30 од концесиите или вкупно 350 милиони долари. Проекциите на експертите се дека во 2019-та САД опен ќе донесе заработка од 365 милиони, односно 375 милиони долари во 2020 година.
Цените на билетите во просек се зголемија незначително во однос на лани и чинат 1.045 долари (за машкиот) и 618 долари (за женскиот турнир). Сепак, сѐ уште може да се најдат влезници и по многу пониски цени, кои чинат околу 200 долари. За финалните мечеви во двете конкуренции цените на влезниците се движат од 1.200 до 1.400 долари.

Минатата година близу 700.000 луѓе присуствувале на САД опен. Просечен посетител останувал на терените осум до девет часа. Половината од тоа време го потрошил гледајќи тенис, а другата половина на купување, јадење и пиење.

Рејтингот на телевизијата и бројот на гледачите се менуваа низ годините. Во 2016 година натпреварите во машка конкуренција ги гледале 1,7 милион гледачи, што е намалување за 47 отсто во споредба со 2015-та. Женското финале лани, меѓу две Американки, Слоан Стивенс и Медисон Ки, ја зголемило гледаноста за 36 отсто во однос на 2016 година. Најгледани се натпреварите кога играат Американци, а најголемата гледаност, 22,7 милиони на СБС, е забележана во 2001 година кога меѓу себе играле сестрите Венус и Серена Вилијамс.


Најдобрите на најбогатиот турнир ќе добијат по 3,8 милиони

Од зголемувањето на приходите, најголема корист имаат тенисерите. Лани УСТА во вид на парични награди исплати 50 милиони долари, а победниците во машка и во женска конкуренција добија по 3,7 милиони.
Годинава, пак, вкупниот награден фонд ќе изнесува 53 милиони долари (пет отсто повеќе од лани или 57 отсто повеќе во споредба со 2013 година!) и е најголем во историјата на тенисот.
Годинашните шампиони во Њујорк ќе инкасираат по 3,8 милиони долари (поразените по 1,8 милион, што е за 750.000 долари повеќе отколку што добија Анџелик Кербер и Новак Ѓоковиќ за триумфите на Вимблдон – наградниот фонд изнесуваше 43,26 милиони долари).
Елиминираните во 1-то коло на главниот турнир во Њујорк ќе добијат по 54.000 долари што е за 5.000 долари повеќе од лани.