Торино ја повлече кандидатурата за организација на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2026 година, но Италија и натаму е во игра преку заедничката понуда, во која ќе бидат вклучени два града од северна Италија, Милано и Кортина д’Ампецо.
Торино, кое беше домаќин на ЗОИ 2006 година, се откажа откако градоначалничката, Кјара Апендино, не успеа да се договори со градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, во врска со лидерската позиција и авторските права на Игрите.
Прелиминираните понуди на градовите и на земјите треба да бидат презентирани на состанокот ИОК во Буенос Аирес, Аргентина, следниот месец.
Првично натпреварите во хокеј и во брзо лизгање требаше да се одржат во Торино, каде што има објекти изградени за Игрите во 2006 година, но сега тие би требало да се одржат во Милано. Алпското скијање и други планински натпревари на отворено ќе се одвиваат во Кортина д’Ампецо, каде што се одржаа ЗОИ во 1956 година.
Италија сака да биде домаќин на Олимписки игри, особено откако пропадна кандидатурата на Рим за организација на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2024 година. Градоначалничката на Рим, Вирџинија Раџи, остро беше против кандидатурата на главниот италијански град и во 2016-та предупреди дека ЛОИ се сон што може лесно да се претвори во кошмар.
Калгари (Канада), Стокхолм (Шведска) и Ерзурум (Турција) се преостанатите три понуди за организација на ЗОИ 2026 година. Сапоро (Јапонија) исто така беше на листата на кандидати за домаќин на тие Игри, но ја повлече понудата по неодамнешниот земјотрес со јачина од 6,6 степени. Претходно кандидатурите за организација на ЗОИ 2026 ги повлекоа швајцарски Сион и австриски Грац.