Во финалето в недела ќе играат Њу Ингланд патриос од Бостон и Лос Анџелес рамс. Годинава, како и лани, рекламата од 30 секунди ќе чини 5,24 милиони долари, што ќе донесе заработка од околу 500 милиони долари
Во Атланта, Џорџија, в недела ќе се одигра финалето во Супербоул (американски фудбал) за трофејот „Ломбарди“, еден од најголемите спортски и комерцијални настани во светот годинава. Тоа ќе биде дуел помеѓу Њу Ингланд патриос од Бостон, тимот што трета година едноподруго е во финалето, вкупно 11-то (има пет титули) и Лос Анџелес рамс, кој четврти пат е финалист (една титула).
Ова ќе биде трет ваков меч што ќе се игра во Атланта (претходно во 1994 и во 2000 година), но прв на новиот, мултифункционален стадион отворен во 2017 година што чинеше 1,6 милијарда долари и е со капацитет од 71.000 гледачи (за ваков вид натпревари). Процените се дека 53-то финале во најпопуларниот спорт во САД, во живо, преку ТВ-екраните со помош на дури 115 камери, ќе го проследат над 100 милиони луѓе (лани 103,4, а во 2017-та, 111,3 милиони).
На полувремето гледачите ќе ги забавуваат Марун 5, Тревис Скот и Биг Бој, а националната химна во должина од 1,47 минута ќе ја отпее Гледис Најт.
Самиот натпревар е фабрика за пари, во секој поглед. Во ланското финале во Минеаполис, Минесота, за време на мечот се свртеле 480 милиони долари од рекламите (51 минута и 20 секунди). Годинава (како и Ен-би-си лани), Си-би-ес рекламата од 30 секунди ќе ја наплаќа просечно по 5,24 милиони долари (околу 170.000 долари по секунда) што значи дека заработката ќе биде околу половина милијарда долари. За споредба, 30 секунди рекламирање на првиот Супербоул чинеле 40.000 долари.
Но тие вртоглави суми не ги одвраќаат огласувачите, напротив, годинава има нови фирми што се заинтересирани за рекламирање. Меѓу попознатите светски брендови ќе ги има „Бадвајзер“, „Пепси“, „Колгејт“, „Туркиш ерлајнс“, па автомобилските гиганти, од „Ауди“, „Хјундаи“, „Киа“, „Мерцедес-Бенц“ до „Тојота“ итн.
Влезници за финалето нема одамна, чинат и над 3.000 долари. Хотелските и другите сместувачки капацитети одамна се распродадени. За тие што не ќе можат да купат скапи билети, наредните денови во Атланта на повеќе локации се организираат настани со настапи на многу познати музичари, групи и друго.
Лани играчите на победничкиот тим, Филаделфија иглс, беа наградени со по 112.000 долари и со победнички прстени чија вредност се проценува на 30.000 долари.