Прилепскиот шаховски велемајстор (ВМ) и член на Алкалоид, Звонко Станојоски (2.449 рејтинг-поени), води по третото коло на Отвореното првенство на Македонија, кое се игра во Охрид во девет кола, со просечна силина на шахистите од 1.825 рејтинг-поени.
Во конкуренција на 31 шахист (1 ВМ, 1 ИМ, 4 ФМ), Станојоски, кој е и прворангиран на првенството, ги совлада Александар Алексовски (1.838), Даниел Андреески (2.121) и Филип Михов (2.177).
На делба на втората позиција се ФМ Тони Лазов (2.335, рангиран трет), ИМ Никола Николовски (2.409, рангиран втор), ФМ Роберт Велески (2.153, рангиран седми) и Александар Кралевски (92.121, рангиран деветти).
По првите три кола се одиграни 45 партии, белите фигури славеле 17 пати, црните 15, а со поделба на поенот завршиле 13. Главен судија на шампионатот е Иван Кочовски. Зачудува фактот што на првенството отсуствуваат многу македонски поквалитетни шахисти.
На Отвореното првенство на Македонија, кое се одржа лани, славеше ИМ Филип Панчевски (годинава не учествува), втор беше Станојоски, а трет Николовски.